Растенија кои светат во темница

За да создадат биолуминисцентно растение, научниците по вештачки пат ги вкрстиле „Arabidopsis“ и морската светлечка бактерија „Vibrio fischeri“ . Едноставното внесување на ДНК од бактеријата во растението не дало резултат. Било потребно гените на бактеријата да се модифицираат за да делуваат правилно на растението. Затоа научниците тоа го направиле вештачки.

Прво, тие виртуелно ги соединиле гените со помош на софтвер што се нарекува „генетски компајлер“ (genetic compiler), кој им овозможува на научниците да ја соединат ДНК во нова форма на живот, на својот комјутер. Спецификациите од гените ги испратиле до компании кои вршат ДНК-соединување – кои ја направиле вистинската ДНК.

За да ги внесат новосоздадените гени во „Arabidopsis“, научниците ја користеле бактеријата „Agrobacterium tumefaciens“. Во природата оваа бактерија  е патоген кој кога ќе ги внесе своите гени во растението предизвикува туморозен раст. Но, нејзината неутрализирана верзија може да ја  внесе вештачи синтетизираната ДНК во растението – домаќин без да го оштети.

Гените биле внесени во лисјата и научниците извршиле проценка на тоа како се приспособува растението и колку светлина продуцира. Научниците експериментирале со широк спектар од различни мали варијации на ДНК секвенци, за да постигнат најдобар сјај.

„Планираме да тестираме околу 1 500 ДНК секвенци“ – вели Ентони Еванс од компанијата „Glowing Plant“.

Кога ќе ја одредат најдобрата ДНК секвенца , тие со помош на алатката т.н. „генетски пиштол“ ќе го „бомбардираат“ растението со наночестички што ќе ја внесуваат  ДНК во растението.

Кога „Arabidopsis“ ќе цвета, ќе продуцира семе што ќе ги содржи новите гени и неговите „потомци“ ќе светат во темница. Во моментов, научниците ја тестираат втората генерација на „Arabidopsis“.

Кога семето конечно ќе се продава во јавноста, тоа ќе претставува најголемата испорака на растение направено со генетски инженеринг.

Многу екологисти не се согласуваат со овој концепт. Синтетичката биологија и генетски модифицираните организми (ГМО) се многу оспоруван концепт во современата наука. Постои загриженост дека ГМО претставуваат ризик за човештвото и дека можат да ги загрозат другите видови.

Кристина Холмс која ги проучува импликациите на биотехнологијата и иновациите во одгледувањето на растенијата врз човештвото, на Универзитетот „Dalhousie“ во Канада , вели дека ризиците се разликуваат од случај до случај.

„Сите ГМ организми не се исти“, вели Холмс. „Зависи кое растение го користите, кои гени ги користите и за каква намена ги користите тие гени“.

„Ризикот е повисок ако растението за кое се работи е наменето за човечка консумација, но „Arabidopsis“е само обична трева. Што се однесува до загрозување на другите видови и тука зависи од случајот. Делумно зависи и од тоа колку лесно растението може да го рашири својот полен, а со тоа и своите гени на другите растенија“, вели Холмс.

Што се однесува до „Arabidopsis“ грижите се неосновани бидејќи тоа е билка што првенствено сама се опрашува, вели биологот Кајл Тејлор од „Glowing Plant“.

Еванс предвидува дека растенијата што светат ќе го направат концептот на синтетичка биологија возбудлив и прифатлив за луѓето. „Причината зошто луѓето не и веруваат на биотехнологијата е затоа што не ја познаваат. Веруваме дека ќе ја намалиме таа недоверба ако создеме нешто опипливо, нешто што луѓето ќе можат да го разберат“.

Ќе видиме ли наскоро дрва како оние од шумата на Пандора, што ќе ги заменат уличните светилки и ќе ја намалат потрошувачката на електрична енергија и емисиите на CO2?

„Ќе треба многу работа за да се стигне до тоа ниво. Ова е биологија и може да  се случат работи што се’ уште не ги познаваме целосно. Но имаме идеи како да стигнеме до таму“, велат научниците од „Glowing Plant“.

Поддржете ја нашата работа: