Разлики во размислувањето на западните и источните култури

Човековото однесување, начинот на размислување и перцепцијата за светот, често се предмет на социолошките и психолошки истражувања, чии резултати се претставуваат како универзална вистина за човечката природа, а тоа неретко доведува до заклучок дека сите луѓе се едноставно еднакви.

Во една студија, објавена во списанието Behavioral and Brain Sciences, е наведено дека 70% од испитаниците припаѓале на западната култура која се карактеризира со индустријализација, богатство и високо образовно ниво. Субјектите биле воглавно составени од американски студенти, кои биле платени за своето учество во студијата.

Помалиот број на истражувања во кои се проучувани други култури, покажуваат на постоење на големи разлики во нивните перцепции за светот и следствено во начинот на размислување и однесување.

Позади тие разлики стојат концептите на индивидуализмот и колективизмот. Иако припадниците на западните култури повеќе го вреднуваат индивидуализмот и независноста, жителите на Кина, Јапонија и Индија можат да се сметаат за колективни општества, кои групата ја ставаат пред поединецот.

Како резултат на разликите помеѓу два фундаментални концепти, припадниците на западната култура, поголема важност му придаваат на личниот успех, отколку на групните достигнувања, се почитуваат себе си повеќе од групата, во потрага се по сопствената среќа, а личниот избор и слободата се нивните главни вредности.

Ваквиот начин на размислување се манифестира во прекумерна самодоверба, со тоа што припадниците на западната култура многу често ги преценуваат своите способности. Едно истражување покажува дека дури 94% од американските професори за себе рекле дека се подобри од просечно. Во колективното општество таквиот склоп е потполно отсутен и често луѓето се потценуваат себе и своите способности.

Освен тоа, западната култура усвоила фундаментален, исклучителен модел на размислување, со што до заклучок се доаѓа со набљудување на засебни елементи, а значењата и состојбите се веќе одредени и непроменливи. Источните култури се холистички, и се фокусирани на односот помеѓу луѓето, а значењето на одредени ситуации не е утврдено, туку го создаваат врз основа на контекстот.

Фотографијата која покажува висок човек, кој со заканувачки израз на лицето и се обраќа на пониската особа може да ги илустрира претходните зборови. Припадникот на западната култура, високиот човек ќе го карактеризира најверојатно како злобен, додека припадниците на источната култура ќе го земат во предвид контекстот, ќе бараат да го откријат нивниот однос и нема брзо да заклучат дека станува збор за лош човек, туку за татко или шеф.

Двете размислувања се манифестираат и според начинот на кој карактеризираме неживи објекти. На прашањето, да издвојат сродни поими на воз, автобус и железница, припадникот на западна култура веројатно ќе ги издвои возот и автобусот, бидејќи се работи за превозни средства, додека припадникот на источна култура ќе ги издвои возот и железницата, нагласувајќи ја нивната меѓусебна функционалност.

Ваквите модели на размислување го одредуваат и она што го гледаме. Во студијата спроведена на Универзитетот во Мичиген, е откриено дека жителите на Источна Азија, набљудувајќи некоја фотографија, се фокусираат на позадината трудејќи се да го сфатат контекстот, додека Американците се задржуваат на најмногу видливите елементи на фотографијата.

Таквите форми на заклучок се појавуваат во многу рана возраст од животот на поединецот, повикувајќи ги истражувачите на заклучок дека всушност се наследни, но истражувањето спроведено на Универзитетот во Ексетер покажува дека поголема улога имаат медиумите.

Зошто воопшто се јавуваат такви начини на размислување?

Еден од одговорите е секако дека тие се одраз на владејачката филозофија и вредност. Додека западната филозофија ја нагласува вредноста, како што е независноста и слободата, на исток, под влијание на таоизмот се вреднува заедништвото. Конфучие, на пример, ги нагласува обврските кои произлегуваат од односот помеѓу царот и народот, родителите и децата, мажот и жената, и слично. Овие различни погледи на светот се присутни во литературата, образовните и политички институции на некои земји и култури, и затоа не е чудно дека таквите идеи во позадина се основните психолошки процеси.

Некои научници сметаат дека западниот индивидуализам произлегува од времето на европското населување во Америка, кога секој тогашен истражувач морал сам да се избори да преживее во непозната земја. Во прилог на таа теорија оди и фактот дека жителите на сојузните држави кои се најоддалечени покажуваат најголемо ниво на индивидуализам.

Постоењето на различни ментални склопови може да биде и последица на еволутивниот одговор на бактериите и останатите микроорганизми. Во 2008 година е спроведено истражување со кое се настојувало да се открие дали постои поврзаност меѓу индивидуализмот и колективноста со одредени болести. Откриено е дека лицата кои се склони кон некои инфекции, веројатно ќе го усвојат моделот на друштвена ориентација. Идејата зад оваа теорија е дека колективноста која се карактеризира со сообразност и поголема зависност од другите, може да ги направи луѓето посвесни за избегнување на однесување кое може да ја прошири болеста.

Последната теорија вели дека на моделот на социјална ориентација влијае земјоделието. До овој заклучок дошол научникот Томас Талхелм, после посетата на Кина. Забележал дека луѓето таму се подружељубиви, додека вакво искуство немал на југот. Во градот Гуанг жу, луѓето биле порезервирани. Се чинело дека степенот на модернизација немало улога во однесувањето на различните луѓе. Тој забележал дека локалната агрикултура може да даде одговор на донесување на одреден модел на социјална ориентација.

Додека на север Кинезите одгледуваат пченица, на југ одгледуваат ориз, за кој е потребна поголема соработка, бидејќи е физички понапорна работа од одгледувањето на пченица, која зависи од временските услови и не е потребна помош од други лица.

Воден од оваа претпоставка, Талхелм направил експеримент на 1000 студенти од двата наведени региони, кои решавале тестови за нивниот начин на размислување. Во индивидуалистичките општества, поединците се прикажувале како подобри од своите пријатели, додека од колективните здруженија поединците се прикажувале како еднакви.

Важно е да се напомене дека овие се само груби показатели на разликите и начинот на размислување. Источните и западните култури во голем дел се дури и слични бидејќи некои луѓе покажуваат комбинација од размислувања, а не смеат да се занемарат ни бројните фактори како возраста и социјалниот статус.

Поддржете ја нашата работа: