Реакции на мозокот на виртуелна реалност


“Моделот на активност во мозокот кој е вклучен во просторното учење во виртуелниот свет е сосема поинаков кога ги обработува активностите во реалниот свет”, вели Мајанк Мехта, професор по физика, неврологија и  невробиологија на УКЛА и автор на студијата.  Со оглед на фактот дека многу луѓе ја користат виртуелната реалност, важно е да се разбере зошто постојат такви големи разлики.

Научниците  го проучувале хипокампусот, дел од мозокот вклучен во болести како што се Алцхајмеровата болест, мозочниот удар, депресијата, шизофренијата, епилепсијата и пост-трауматскиот стрес. Хипокампусот, исто така, игра важна улога во формирањето на нови сеќавања и создавање на ментални мапи на просторот. На пример, кога едно лице  истражува одредена просторија, невроните од хипокампусот се селективно активни, обезбедувајќи „когнитивна мапа” на животната средина.

Механизмите со кои мозокот ги создава овие когнитивни мапи остануваaт мистерија, но невролозите се сомневаат дека хипокампусот пресметува растојанија помеѓу субјектот и околните знаменитости, како што се зградите и планините. Но, во вистински лавиринт, други знаци, како што се мирисите и звуците, исто така, може да помогнат  при утврдување на просторот и растојанијата.

За да се тестираат дали хипокампусот всушност би можел да формира просторни мапи користејќи само визуелни обележја, тимот на Мехта осмислил неинвазивна виртуелна реалност на животната средина и ја  проучувал реакцијата на  невроните од хипокампусот во мозокот на стаорци, без можност за употреба на мириси и звуци како знаци.

Научниците биле изненадени од различните резултати. Во виртуелниот свет, невроните од хипокампусот на стаорците се активирале сосема случајно, како да немаат идеја каде се наоѓаат стаорците, иако тие се однесувале сосема нормално. „Мапата целосно исчезна. Никој не го очекуваше тоа“, вели Мехта. „Повеќе од половина од невроните кои се активни во реалната средина, згаснуваат во виртуелната реалност“.

Виртуелниот свет користен во истражувањето е многу сличен на виртуелната реалност  која се користи од страна на луѓето, и најверојатно нема разлика помеѓу реакциите во мозокот кај стаорците и кај човекот.

Во прилог на анализата на активноста на поединечни неврони, тимот на Мехта проучувал поголеми групи на мозочни клетки. Претходните истражувања, откриле дека групи неврони создаваат сложен модел базиран на ритамот на мозокот. Овие ритми се од суштинско значење за учењето и меморијата, но не можеме да ги чуеме или почувствуваме. Невроните во регијата одговорна за меморијата комуницираат меѓусебно на 2 различни јазика. Едниот е базиран на ритам, другиот на интензитет. Мехта смета дека со поправка и синхронизирање  на овие ритми, лекарите ќе бидат во можност да ја поправат оштетената меморија, но тоа  се’ уште останува голем предизвик.

Студијата е објавена во списанието „Nature Neuroscience“.

Поддржете ја нашата работа: