Редок златен крт снимен над земја

Минатата недела фармери од западна Австралија имале ретка можност да забележат блескаво златен крт, во една од неговите исклучително ретки надземни експедиции и за среќа успеале тоа да го снимаат.

Овој златен крт кој се нарекува каркаратул (Notoryctes caurinus) ретко може да се види, и според извештаите се гледа само 5 до 10 пати за 10 години.

Како што објасни биологот Џо Беншемеш од Универзитетот Ла Тробе за „Australian Geographic“ уште во 2010 година, овој крт е еден од малкуте цицачи кои можат да го поминат целиот свој живот под земја. Кртот е слеп, има цврст нос и чело и силни предни нозе кои му овозможуваат лесно да копа.

Се хранат со инсекти и ларви и се прилично мали – тежат околу 40 до 60 грама. Имаат исклучително мала потреба од кислород, што значи дека можат да преживеат дишејќи го воздухот што поминува помеѓу зрнцата песок.

За разлика од повеќето подземни цицачи, овој крт не прави тунели во кои живее и низ кои се движи. Наместо тоа, тој го копа тунелот додека се движи, правејќи дупка пред себе во песокливото земјиште со своите предни нозе кои се во форма на лопатки и го турка ископаниот песок позади себе со задните нозе. Истовремено, го бутка своето цевчесто тело по неколку сантиметри нанапред, објаснува Беншемеш.

Оваа акција може убаво да се види во видеото подолу, што минатата недела го снимиле ренџерите Кивиркура.

Mole1Ова изгледа како напорна работа, но Баншемеш вели дека овие кртови имаат посебна стратегија како да ја штедат својата енергија.

„Иако нивната необична форма на движење е спора и тешка, се чини дека тие се подесени на скромен живот и заштеда на енергијата и ресурсите со тоа што и овозможуваат на својата телесна температура да ја рефлектира таа од околниот песок, како да се влекачи“.

Ренџерите го забележале овој мал крт додека на терен снимале документарец во таа област.

Mole2Познати се два вида вакви кртови: каркаратул (Notoryctes caurinus), кој живее во пустините во западна Австралија и итјаритјари (Notoryctes typhlops), кој живее во централна Австралија.

Истражувачите сѐ уште не се сигурни дали овие извонредни мали суштества се гледаат толку ретко бидејќи цело време живеат под земја или затоа што се останати само многу мал број од нив.

Инаку, засега и двата вида имаат статус на загрозени животни, се додека не се добие подобар увид за нивната бројност.

Поддржете ја нашата работа: