Река од ѓубре во Бејрут

Низ делови од главниот град на Либан, Бејрут, буквално поминува река од отпад долга стотици метри, загрозувајќи го како здравјето на луѓето, така и животната средина.

Застрашувачката река од ѓубре започнала да се формира од јули минатата година кога била затворена главната депонија. Но, оттогаш не е предложена никаква друга алтернатива, па мала е веројатноста пробемот наскоро да биде решен.

Ова започнало како една привремена депонија во близина на станбената зона во едно предградие на Бејрут, но во следните месеци купот отпад сѐ повеќе се зголемувал, па сега според извештаите содржи 2 милиони тони отпад.

Lebanon-River-of-Trash

Иако оваа река од отпад е највпечатлива, за жал проблемот во Бејрут со отпадот е поголем, па на локалното население му останува само со лопати да го потиснува отпадот покрај патиштата и во реките, од каде што отровите лесно можат да стигнат до подземните води.

Локалните жители се жалат на неподносливиот мирис на гнилеж што се шири во околината и тоа во месеци кога е уште зима. Со доаѓањето на летото работите само ќе се влошат.

Но, штетите од отпадот по животната средина не се единствениот проблем. Иако локалните жители биле предупредени да не го палат отпадот поради токсичните гасови што се ослободуваат при тоа, без друга алтернатива на располагање, многу од жителите го прават токму тоа.

Ова предизвикало пораст на респираторните инфекции и бројот на пациентите примени во една од локалните болници се покачил за 25 проценти во однос на минатата година.

Локалните жители почнаа да протестираат поради тоа што не добиват помош од власта за расчистување на улиците, а некаде демонстрациите прераснаа во насилство.

Работата на владата, која последнава години се мачи да обезбеди доволно чиста вода и струја, уште повеќе е отежната и од бегалската криза што се случува во соседната Сирија.

512240446

Ова не е единствен град што има проблеми со отпадот. Кинескиот град Шенџен неодамна објави дека ќе гради фабрика каде ќе пали третина од отпадот секој ден – што не е идеално еколошко решение, но е подобро од ништо.

Ако овој голем град наскоро не најде решение за својот проблем, на повидок е голема здравствена катастрофа, а тоа е последно што сега му треба на овој регион.

Поддржете ја нашата работа: