Решена мистеријата на Титан

Токму тоа и го покажува истражувањето направено од истражувачите од Универзитетот во Тенеси, предводени од професорката Девон Бур. Ова откритие може да даде објаснување како се формирале дините. Наодите се објавени во списанието „Nature“.

Пред една деценија, научниците биле восхитени од сликите од Титан направени од вселенското летало „Касини“, кои покажуваа дини составени од дотогаш непознати честички.

„Изненадувачки беше тоа што Титан има честички со големина на зрно песок, за кои се’ уште не знаеме од каде потекнуваат и дека има ветрови доволно силни за да ги поместат. Пред да ги видиме сликите мислевме дека ветровите веројатно не се доволно јаки за да направат такви движења“, вели Бур.

Најголемо изненадување, сепак, претставува формата на дините. Сликите од „Касини“ покажуваат дека доминантните ветрови што ги обликувале дините, дувале од исток кон запад. Сепак, формата на дините што се наоѓаат околу пречки, како што се планините и кратерите, укажува на тоа дека се обликувани од ветрови кои дуваат од сосема спротивна насока.

За да ја разрешат оваа мистерија, истражувачите употребиле веќе постоечки тунел на НАСА кој овозможува висок притисок и ветер (за кој им требале шест години да го преуредат) во кој ги симулирале условите кои владеат на површината на Титан. Ги симулирале густината на атмосферата, притисокот и ветровите за да испитаат како ќе се однесува експерименталниот песок. Бидејќи не биле сигурни каков е составот на песокот, истражувачите употребиле 23 варијанти на песок.

После две години работа, истражувачите откриле дека минималната брзина на ветрот на Титан мора да е за 50% поголема отколку што се мислело претходно, за да може да го помести песокот. Откритието на овие силни ветрови дава објаснување и за формата на дините.

„Ако доминантните ветрови се со помала брзина и дуваат од исток кон запад, тогаш не се во состојба да го поместат песокот. Меѓутоа, во одредени случаи, правецот на ветровите може да се промени, од запад кон исток, и да се зголеми неговата јачина“, вели Бур.

Според атмосферските модели, правецот на ветровите се менува два пати во текот на една година на Сатурн, која е еднаква на 30 години на Земјата. Тоа се случува кога Сонцето преминува преку екваторот на Титан, што предизвикува промени во атмосферата кои последователно доведуваат до промена и на ветровите. Истражувачите сметаат дека  дините се обликуваат само во овој краток период кога  ветровите со голема брзина дуваат од запад кон исток.

„Бидејќи ова се случува многу ретко, веројатно затоа и не биле забележани од „Касини“, истакнуваат истражувачите.  

Поддржете ја нашата работа: