Револуционерен имплант за луѓето родени без слушен нерв

Тим од експерти од повеќе области, од Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC), ја срушија „звучната бариера“ за децата родени без слушниот нерв. Во клиничкото истражување почнато во март 2014 година, на четири деца родени без слушен нерв им бил имплантиран слушен имплант во мозокот (ABI-auditory brainstem implant).

Овој имплант се смета за револуционерен, бидејќи ги стимулира невроните директно во мозокот, потполно заобиколувајќи го средното уво.

„Првичната активација на „ABI’ ќе биде како кога новороденче првпат почнува да слуша, што значи дека на овие деца ќе им  треба време да научат да го интерпретираат тоа што преку направата го „чувствуваат“ како звук. Сите на кои им е вграден имплантот добро напредуваат и ние сме оптимисти дека овие деца со интензивен тренинг и поддршка од семејството, со време ќе можат да зборуваат на телефон“, велат истражувачите.

Хирурзи надвор од САД повеќе од десет години вградуваат вакви импланти кај деца, но никогаш не беше формализирана нивната безбедност, ниту направена физибилити студија под регулативен надзор. Во САД, „ABI“ имплантите се одобрени за употреба само кај пациенти постари од 12 години со неурофиброматоза тип 2, наследна болест која предизвикува бениген тумор на слушниот нерв во мозокот, но покажа ограничена ефикасност кај возрасните.

Научниците веруваат дека  „ABI“ ќе биде поефикасен кај помали деца, кога нивниот мозок е поприспособлив. Клиничкото истражување ќе се обиде да докаже дека операцијата е безбедна за децата и ќе им овозможи на истражувачите да проучуваат како се развива мозокот со текот на времето и како детето учи да слуша и да го развива говорот.

„Со проучување како мозокот и системот за слух работат заедно преку овој уред, тимот ќе ги постави стандардите за употреба на оваа технологија“, нагласуваат истражувачите.

 Прелиминарните наоди беа презентирани на 14 февруари во Сан Хозе, Калифорнија.

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

Поддржете ја нашата работа: