Рибите имаат шесто сетило

Добро е познато дека рибите реагираат на промените во својата водена средина. Тоа им овозможува да ги избегнат пречките и да го редуцираат напорот кога пливаат со тоа што ќе се „спуштат“ низ вртлозите, да ги следат промените во водата и да насетат опасност дури и без да го користат видот.

За да утврдат како рибите ги користат промените во движењата на водата, истражувачите се фокусирале на нивната „странична линија“- систем од сетилни органи за кои се знае дека дека ги детектира и движењата и вибрациите во водената средината која ги опкружува. Особено внимание им посветиле на сетилните каналчиња кои се отвораат кон околината во вид на многубројни пори, како и на нивната распореденост на телото од рибите.

За потребите на истражувањето, истражувачите креирале пластичен модел на пастрмка на која биле пресликани локациите на каналчињата од рибата и биле поставени светлечки маркери кои ја одредувале брзината на водата во околината.

Во текот на експериментот, врз моделот биле направени серија тестирања во услови кои биле исти како и реалните услови во водената средина – промени во движењето на водата кои влијаат на притисокот на водата, како и имитација на присуство на опасност во водата. Истражувачите испитувале каде се лоцирани каналчињата во услови кога има најголеми промени во водениот притисок.

Резултатите покажале дека каналниот систем се концентрира на деловите од телото каде што се појавува голема промена во притисокот. Исто како што формата на ТВ или радио антената е дизајнирана да ги детектира електромагнетните сигнали, така и системот од каналчиња е како антена поставена на површината на телото на рибата и е конфигуриран да ги чувствува промените во притисокот.

„Оваа мрежа од сензори е како „хидродинамична антена“ која им овозможува на рибите да ги препознаат сигналите во врска со промените во водата и да ги искористат во своето однесување“, велат истражувачите.

Со помош на овој специјално изработен модел, на истражувачите за прв пат им беше овозможено да ги снимат овие податоци.

Поддржете ја нашата работа: