Здравствените придобивки од физичката активност се бројни, почнувајќи од намалувањето на ризикот од срцеви заболувања, дијабетес и рак, па до подобрување на менталното здравје и расположението.
Меѓутоа, спротивно на вообичаеното верување, вежбањето не помага во намалувањето на тежината – велат научниците за јавно здравје, докторите Ричард Купер и Ејми Лук од Универзитетот Лојола во Чикаго, во извештајот објавен во „International Journal of Epidemiology“.
Купер и Лук, ја проучувале врската помеѓу вежбањето и дебелината со години. Кога започнале со истражувањето, нивната претпоставка била дека физичката активност ќе се покаже како главен фактор за губење на тежина. Сепак, повеќето докази покажале дека претпоставката не е точна. Со зголемување на физичката активност се зголемува и апетитот што се компензира со зголемено конзумирање на храна. Значи, со или без физичка активност, контролата на калориите останува главен фактор за намалување или задржување на тежината.
„Постои само еден ефикасен начин да се намали тежината, а тоа е да се внесуваат помалку калории“– нагласуваат Купер и Лук.
Индустријата за храна и пијалоци се обидува да го сврти вниманието од конзумирањето на калории преку промовирање на теоријата дека недоволната физичка активност е главната причина за дебелината. На пример, „Њујорк Тајмс“ неодамна објави дека кока –кола, најголемиот производител на слатки пијалоци „го поддржува новото решение „базирано на наука“, за проблемите со дебелината. За да ја задржите добрата тежина, вежбајте повеќе, а грижете се помалку за намалување на калориите“.
Во списанието „International Journal of Epidemiology“, докторите Купер и Лук, детално ги презентираат доказите дека физичката активност не е клучниот фактор за намалување на тежината. Еве неколку од нив:
· Често се тврди дека ниската стапка на гојазност во Африка, Индија и Кина, делумно се должи на секојдневната напорна работна рутина. Меѓутоа, доказите не ги подржуваат овие тврдења. На пример, Афро-Американците главно се подебели од Нигеријците. Но, истражувањата на д-р. Лук покажале дека кога ќе се направат корекции во врска со големината на телото, Нигеријците не согоруваат повеќе калории преку физичка активност од Афро-Американците.
· Бројни клинички студии покажале дека со вежбање, плус редуцирање на калориите, се намалува речиси иста тежина како и само со редуцирање на калориите.
· Набљудувачките студии не покажале поврзаност помеѓу потрошувачката на енергија и промената во тежината.
· Исклучително мал процент од популацијата во САД троши толку високо ниво на енергија за да може долгорочно да влијае на енергетската рамнотежа.
Од објавувањето на нивните наоди во 2013 година, има се повеќе докази дека зголемената физичка активност не влијае на ризикот од дебелина – велат Купер и Лук.
„И покрај тоа што користа од физичката активност е голема, многу докази водат до заклучокот дека зголемената физичка активност е проследена со зголемено внесување на калории, освен ако свесно не се вложи дополнителен напор да се лимитира тој компезаторен ефект“, велат д-р. Купер и Лук.