Самоубиството кај сексуално злоупотребуваните деца

Една нова студија сугерира колку е голема опасноста кај тинејџерските момчиња, наоѓајќи дека едно од три момчиња  кои се соочуваат со сексуален напад имаат обид за самоубиство.

Стигматизацијата е присутна. Ова е тивок општествен проблем. Многу ретко има пријави од момчиња и некако се претпоставува дека тоа е проблем на девојките. Резултатите ја нагласуваат потребата за едукација на јавноста и развивање на превентивни програми и поддршка за машки и женски жртви на полов напад.

Девојките, секако се мнозинство. Само една од 10 жртви е момче, според американската националната мрежа за силување, злоупотреба и родосквернавење (RAINN). Но, последиците од овие дела, кои може да варираат од несакано сексуално допирање до принудна пенетрација, се поразителни. Момчињата може да започнат преиспитување на нивната сексуална ориентација и чувство за себе, да се изолираат од другите и имаат зголемен ризик од психолошки и емоционални проблеми, вклучувајќи депресија, анксиозност, страв и лутина.

Се разбира овие последици се присутни и кај девојчињата по сексуалениот напад, меѓутоа кај момчињата е забележана повисока стапка на обид за самоубиство. Процентите се 33,2 кај момчињата, и 27,1 кај девојчињата. Овие разлики може да се резултат на стигмата, срамот, родовиот конфликт ако напаѓачот е маж, како и недостатокот на отворен систем на поддршка.

Андерсон и нејзиниот тим од Универзитетот во Бафало ја започнале студијата со цел да испитаат дали сексуалниот напад и дебелината, заедно, може да доведат до обид за самоубиство. Гледајќи ги одговорите на „Youth and Risk Behavior Survey“ на примерок од 31.000 тинејџери на возраст од 14 до 18 години во периодот помеѓу 2009 и 2011 година, резултатите се дека дебелината не е фактор за самоубиство кај момчињата.

Истражувачите велат дека резултатите би можеле да бидат повисоки, но речиси 20% од афро-американските тинејџери и останатите малцинства не одговориле на прашањата за самоубиство. Инаку, кај момчињата од малцинските групи самоубиството е честа појава.

Иако зборуваме за американски анализи, не постои причина да веруваме дека нашите деца не поминуваат низ истата агонија. Во текот на изминатата година, на подрачје на целата земја регистрирани се вкупно 151 кривично дело од областа на кривичните дела против половата слобода и морал, а од вкупниот број, повеќе од половината или поточно 83 дела се извршени над деца, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.

Загрижува фактот што сексуалните деликти извршени над деца се зголемени во споредба со 2013 година за 63%. Според анализа на низа податоци, профилот на сторител на сексуални злоупотреби би изгледал вака: Маж на возраст од 20 до 30 години, со неоформено образование, без квалификации, невработен и припаѓа на ниските социјални слоеви. Тој најчесто напаѓа девојчиња, најчесто од социјално загрозени семејства, претходно ја познава жртвата, односно е дел од нејзиното социјално опкружување.

Поддржете ја нашата работа: