Сатурн е најпрепознатлив по своите прстени кои го опкружуваат, но како и се останато во Вселената – освен самата Вселена, нема да трае вечно. Астрофизичарите само што откриваат дека овие прстени исчезнуваат со голема брзина.
Кога велиме брзо, не мислиме според човечките стандарди, туку по вселенски – прстените би можеле да се дезинтегрираат во рок од 100 милиони години во процесот колоквијално наречен “дождовни прстени“.
Прстените се привлекуваат кон Сатурн поради гравитацијата, како дожд од честички на мраз под влијание на магнетното поле на планетата.
Истражувањето е направено благодарение на опсервациите на леталата на НАСА, Војаџер 1 и 2, кои поминувајќи покрај Сатурн собрале податоци на својот пат кон надворешниот Сончев систем во ноември 1980 и август 1981 година.
Прстените на Сатурн во најголем дел претставуваат смрзната вода. Притоа пречникот на парчињата мраз варира од микроскопски големини до цели карпи со пречник од по неколку метри.
“Проценуваме дека овој “прстен од дожд“ цеди количина на вода која би можела да наполни еден цел олимписки базен од прстените на Сатурн за половина час“, вели Џејмс O’Донахју од Годард центарот за вселенски летови на НАСА во Гринбелт, Мериленд.
“Ако само тоа го пресметаме, тогаш целиот систем на прстени ќе исчезне за 300 милиони години, но додадете ги на ова и проценките на вселенскиот брод Касини и прстените имаат помалку од 100 милиони години живот. Тоа е релативно кратко во споредба со возраста на Сатурн од преку 4 милијарди години“, додава O’Донахју.
Знаците на “дожд” првиот пат биле забележани како необичен феномен. Воајаџер детектирал некои необични промени во јоносферата на Сатурн, промени во густината на самите прстени и три темни прстени кои кружат околу планетата.
Во статија на магазинот Science Alert, овие работи се сметаат за неповрзани. Сепак постои објавен труд од 1986 година кој што овие темни прстени ги врзувал со формата на огромното магнетно поле на Сатурн.
Во иднина на истражувачите останува да се утврдат дали количината на врнежи кои потекнуваат од орбитата околу Сатурн варира со промената на сезоните, бидејќи тоа значи и промена во изложеноста на прстените на сончевата светлина и аголот под кој што Сонцето ги осветлува.