Се менуваат условите на „Супер Земјата“

Ова е прв пат истражувачите, предводени од Универзитетот во Кембриџ, да откријат атмосферски варијации на карпеста планета надвор од Сончевиот систем и да забележат речиси три пати поголеми промени во температурата во период од две години. Иако истражувачите нагласуваат дека причините за овие вријации се’ уште се истражуваат, тие веруваат дека ова се должи на огромните вулкански активности на површината. Можноста да се набљудува атмосферата на карпеста Супер Земја и да се следат промените на нејзината површина, претставува голем чекор напред во откривањето на хабитабилни планети надвор од Сончевиот систем.

Користејќи го вселенскиот телескоп „Spitzer“ на НАСА, истражувачите ги набљудувале топлинските емисии што доаѓаат од планетата наречена „55 Cancri е“ – која орбитира околу ѕвезда слична на Сонцето на оддалеченост од 40 светлосни години, во соѕвездието Рак и за прв пат откриле брзи промени во температурата на топлата „дневна“ страна на планетата , која се движи пмеѓу 1 000 и 2 700 степени Целзиусови.

И покрај тоа што ова се прелиминарни толкувања на новите податоци ,истражувачите веруваат дека е можно варијациите во температурата да се должат на огромните облаци од гас и прашина кои повремено ја покриваат површината која е делумно стопена. Можно е овие облаци да се предизвикани од екстремно високата вулканска активност, која е повисока и од активностите на „Ио“ – една од месечините на Јупитер и геолошки едно од најактивните тела во Сончевиот систем.

„55 Cancri e“ е „Супер Земја“, крпеста егзопланета, два пати поголема и со осум пати поголема маса од Земјата. Таа е една од петте планети од соѕвездието Рак, кои орбитираат околу ѕвезда слична на Сонцето и се наоѓа толку блиску до својата матична ѕвезда, така што една година на планетата трае само 18 часа. Планетата, исто така не ротира на ист начин како Земјата и затоа има постојана „дневна“ и постојана „ноќна“ страна. Со оглед на тоа дека е најблиската „Супер Земја“ чија атмосфера може да се проучува, „55 Cancri е“ е помеѓу најдобрите кандидати  за детална опсервација на површината и атмосферските услови на карпестите егзопланети.

Повеќето од првичните истражувања на егзопланетите биле на гасните џинови слични на Јупитер и Сатурн, бидејќи поради нивната огромна величина полесно се откриваат. Во последниве години, астрономите се во можност да ги мапираат условите на многу од овие гасни џинови, но досега беше многу е потешко со „Супер Земјите“ – егзопланети со маса од еден до десет пати поголема од Земјата.

Раните опсервации на „55 Cancri е“ покажале изобилно присуство од јаглерод, укажувајќи на тоа дека планетата е составена од дијаманти. Сепак, новите податоци значително ги разнишаа овие претходни опсервации и отворија нови прашања.

„Планетата сепак може да е богата со јаглерод, но сега веќе не сме сосема сигурни. Ваквите варијации се нешто што досега го немаме видено на друго место, така што нема стабилно конвенционално објаснување. Сегашните опсервации отвораат ново поглавје во нашите можности да ги проучуваме условите на карпестите егзопланети со сегашните и идни големи телескопи“ – велат астрономите од Центарот за истражување на егзопланети од Кембриџ.


Поддржете ја нашата работа: