Шипката во битка со најагресивна форма на рак на дојка

Наодите на едно истражување покажуваат дека плодот од шипката значително го намалува растот и ширењето на една форма на рак на дојка позната како „тројно негативен“. Оваа исклучително агресивна форма на рак на дојка не реагира на повеќето познати третмани и има тенденција да се јавува кај млади жени, како и кај жени со Афро- или Латино-Американско потекло.

Тројно негативниот рак на дојка го добил името по фактот дека канцерогените клетки на овој рак немаат три рецептори на раст што вообичаено се цел за време на третманите. Како резултат на ова, повеќето од постоечките третмани се неефикасни против овој тип на рак. Голем број од пациентите кај кои настапила ремисија, се соочуваат со повторно враќање на ракот како и зголемена смртност во првите три години во, во споредба со останатите типови на рак на дојка.

Во истражувањето, научниците третирале култури од ткиво на овој рак со повеќе различни концентрации од екстракт од шипка. Со изложувањето на највисоката концентрација (1 мг/мл), пролиферацијата на канцерогените клетки била намалена за 50% , а миграцијата на истите клетки била намалена за 25 до 45 %. Ефектот се намалувал со намалувањето на концентрацијата. Дополнителните експерименти  покажале дека екстрактот врши редукција на два ензима („МАПК“ и „Акт“) , за кои е познато дека го промовираат растот на овој тип на рак на дојка.

Исто така, овој екстракт ја подобрил и способноста на лекот дексорубицин – кој вообичаено се користи во хемотерапијата, да ја намали пролиферацијата и миграцијата на клетките на овој рак во културите од ткивото. Ова укажува дека екстрактот од шипка може да биде корисно надополнување на севкупиот режим за третман кај пациентите со овој тип на рак на дојка.

„Се надевам дека досегашните испитувања направени на култури од ткиво, како и  идните истражувања на животински модели, ќе придонесат екстрактот од шипка да биде препорачан како превентивна мерка против ракот на дојка или како надополнување на сегашните третмани за рак на дојка“ – вели  водачот на истражувањето, д-р Патрик Мартин, вонреден професор на Државниот Универзитет за земјоделство и техника во Северна Каролина.

Шипката се користи како природен извор на витамин Ц, како чај или во друга храна. Во експериментите, истражувачите користеле чиста шипка, која може да се набави како суплемент во вид на таблети или како течност.

Истражувањето за ракот на дојка произлегло од претходно испитување каде  истражувачите го користеле екстрактот од шипка за успешна превенција на растот на клетки на рак во мозокот – едно од местата каде тројно негативниот рак на дојка има тенденција да се шири. Тие би сакале исто така да ги тестираат ефектите на овој екстракт и врз клетките на ракот на простата.

Наодите од истражувањето се презентирани на годишната средба за Експриментална Биологија 2015 на Американското здружение за фармакологија и експериментална терапија (FASEB).

Поддржете ја нашата работа: