Што ако некој умре во вселената?

Претседателот Никсон бил подготвен во случај Нил Армстронг и другите астронаути од Аполо 11 да умрат на Месечината во 1969 година. Дури имал и говор за медиумите во случај да се случи нешто за време на слетувањето.

Говорот започнувал со оваа потресна изјава: „Судбината одреди луѓето кои отидоа да истражуваат на Месечината во мир, да останат да почиваат на Месечината во мир“. За среќа, овој говор не му беше потребен.

Сега, за прв пат по Аполо мисиите, има сериозни намери за мисии со човечки екипаж и тоа го покренува прашањето – Што ако некој умре во вселената? Што се случува со неговото тело?

30673_space_mission_astronaut_on_the_moonАстронаутите обично поминуваат само 6 месеци во вселената, на Меѓународната вселенска станица, и сите се подложени на интензивен лекарски преглед пред да заминат. Никој никогаш не умрел на станицата. Но, за да се стигне на Марс потребни се неколку месеци патување и доколку се испрати човечки екипаж, никој не може со сигурност да знае што ќе се случи, па може да загине некој од астронаутите.

Иако не постои официјален протокол, астронаутите прават некои вежби за ова сценарио. Во книгата „Водач на астронаутите за животот на Земјата“ (An Astronaut’s Guide to Life on Earth), астронаутот Крис Хедфилд објаснува една вежба која е наречена „симулација на смрт“ и е дизајнирана за астронаутите да се подготват за она што треба да го направат во случај на смрт на некој од своите колеги.

Вежбата обично започнува со најавата дека некој починал, па започнува дискусија за тоа што да се прави со неговото тело. Да се смести во астронаутскиот скафандер, па потоа во некое шкафче? Но, така ќе мириса. Да се испрати назад на Земјата преку леталото за набавка? Но, така ќе изгори заедно со остатокот од ѓубрето при влезот во атмосферата на Земјата. Да се отфрли во вселената? Кој да им каже на родителите? Преку телефон или лице в лице? Во таква стресна ситуација, за време на вежбата, луѓето навистина размислуваат како да се справат со ситуацијата. Ова е само почеток, и ситуацијата станува посложена доколку се работи за подолготрајна мисија.

НАСА веќе има планови за испраќање на човечки екипаж на Марс, а приватните компании како „Mars One“ и „SpaceX“ работат на логистиката за основање на човечки колонии на Марс. Иако можеби тоа нема да се случи во блиска иднина, се чини неизбежно. Исто така, неизбежна е и можноста некој да умре за време на патувањето, или на Марс.

shutterstock_56158354Најлесното решение е да се исфрли телото во вселената, да лебди во вакуумот на просторот, исто како во „Ѕвездени патеки“ за погребот на Спок. Но, интернационалните закони кои го уредуваат космосот го забрануваат ова. Договорот на ОН вели дека не смее да се  фрла ѓубре во вселената, а тоа го вклучува и ова. Тоа е така бидејќи телото кое ќе лебди во вселената може  да се судри со други вселенски летала, па дури и да слета на некоја планета заедно со бактериите кои ги носи.

Па, потребно е друго решение. Еден од најинтересните предлози за справување  со смрт во вселената потекнува од соработката на компанијата „Promessa“ и НАСА. Идејата вклучува херметичка вреќа за спиење во која ќе се постави телото и потоа ќе се изложи на ниските температури во вселената. Откако ќе замрзе, ќе се врати назад во леталото, каде ќе биде изложено на вибрации и ќе се скрши, претворајќи се во замрзната  прашина.

Но, не постои добар одговор за тоа што  да се направи ако некој умре на Марс.  Една радикална идеја е да се користат телата како ѓубриво, со оглед на тоа што  колониите треба да одгледуваат свои  култури. Но, оваа идеја е неприфатлива кај сите општества.

Смртта е стресно и длабоко прашање за луѓето, но кога се работи за вселената, мора да се размислува економично и практично. За крај, погледнете го видеото од „The Guardian“ со некои од волонтерите кои се пријавиле за првата колонизација на Марс. Видеото е насловено: „Ако умрам на Марс“ (If I die on Mars).

 

Поддржете ја нашата работа: