Што е ХПВ вирусот? Факти наспроти митови

Хуман папилома вирусот или ХПВ, е вирус кој предизвикува сексуално пренослива болест која предизвика големо внимание во последниве години, особено откако се појави вакцината наменета да не заштити од појавата на некои типови на рак. Затоа ви претставуваме неколку најчести митови кои луѓето сѐ уште ги имаат во врска со ХПВ.

Само некои луѓе се изложени на ризик

Како и повеќето сексуално преносливи болести и ХПВ не прави разлика. Иако користењето на заштита може да помогне да се превенира инфекцијата, едноставната вистина е дека секое сексуално активно лице, и маж и жена, ќе се зарази од некоја форма од ХПВ во текот на својот живот. Фактички  ова претставува најчестата сексуално пренослива инфекција, иако практично кај мал број луѓе е дијагностицирана инфекција, бидејќи само одредени видови можат да предизвикаат видливи знаци на ХПВ инфекција, како што се израстоци (кондиломи) околу гениталиите, устата и анусот.

Гениталните израстоци се ризик фактор за рак

Познати се повеќе од 100 типови ХПВ, од кои нешто повеќе од 40 можат сексуално да се пренесуваат. Некои од овие видови можат да предизвикаат израстоци, особено кај лица кои се веќе болни или имаат ослабен имунолошки систем, додека некои видови можат да поттикнат многу брзи промени во клетките кои ги прават подложни за развој на рак. Меѓутоа, овие типови не се исти. За несреќа, ние можеме да „фатиме“ повеќе типови ХПВ и според проценките од некои истражувања, тоа се случува во речиси 50 проценти од ХПВ случаите.

ХПВ е поврзан само со ракот на грлото на матката

Над 12 типови ХПВ го зголемуваат ризикот од појава на рак, додека 70 проценти од сите  случаи на рак на грлото на матката се директно поврзани со инфекција со ХПВ тип 16 и тип 18. Но, ако овие типови на вирусот се населат и во други делови од телото – како на пример анусот, тие можат да го зголемат ризикот од појава на рак и на тој дел од телото, исто така. Иако ХПВ најчесто предизвикува рак на грлото на матката, тој сепак може да предизвика рак и на устата, грлото, анусот, вагината и пенисот. Според Националниот институт за рак на САД, 5 проценти од сите случаи на рак се поврзани со ХПВ.

Треба да се вакцинираат само девојчињата

Кога за прв пат се појави вакцината за ХПВ во 2006 година, се препорачуваше да се вакцинираат само девојчињата – тинејџери, со оглед на тоа дека тие се најизложени на ризик од рак на грлото на матката. Сепак, во последниве години, организациите, како што се Центарот за контрола и превенција на болестите на САД и Американското здружение за рак, препорачуваат и момчињата тинејџери да ја примат вакцината.

За жал, само мал број од девојчињата, а уште помалку од момчињата досега примиле само една од потребните три вакцини.

Засега постојат три главни типови од оваа вакцина, а најновата штити од 9 различни  видови на ХПВ.

Не вреди да се вакцинирате

И покрај слабиот одзив на вакцинацијата, едно неодамнешо истражување што беше објавено во „Pediatrics“ покажува дека вакцината ја намалила стапката на инфекции со четири типови на ХПВ кои предизвикуваат рак за 64 проценти, во споредба со годините пред вакцинацијата, а за 34 проценти кај девојките на возраст помеѓу 20 и 24 години. Други истражувања покажале дека дури и кај невакцинираните мажи се редуцира ХПВ, благодарение на колективниот имунитет.

Иако ќе бидат потребни децении за целосно да се видат придобиките од вакцинацијата, научниците се охрабрени од овие почетни успеси.

Поддржете ја нашата работа: