Термините „астероиди“, „метеори“ или „метеорити“ често пати се употребуваат без да се внимава на нивното вистинско значење, па еве мало објаснување што точно се подразбира под овие поими.
АСТЕРОИДИ
Астероидите претставуваат мали небески тела кои орбитираат околу Сонцето. Астероидите се помали од планетите, па исто така се нарекуваат и планетоиди или минорни планети. Тие се составени главно од карпи и метали, но може да содржат и одредени органски компоненти. Главниот „астероиден појас“ се наоѓа помеѓу орбитите на Марс и Јупитер во кој има околу 750.000 остероиди. Астероидите можат исто така да бидат и прилично големи. Најпознатиот астероид со име Церера (често нарекувана и „џуџеста планета“) е со дијаметар од 945 километри.
МЕТЕОРИ
Метеор е она што луѓето обично го нарекуваат „ѕвезда што паѓа“. Како метеор се означува секое мало небеско тело (или нивни делови) кога поминуваат низ атмосферата на Замјата. Поминувајќи низ атмосферата тие со голема брзина се судираат со многу воздушни честички. Триењето под голема брзина со честичките присутни во горниот дел од атмосферата е причина за нивно согорување, што се манифестира како светлечки зрак. Метеорите стануваат видливи на височина од 75 до 120 километри над површината на Земјата.
МЕТЕОРИТИ
Метеорит е метеор кој го „преживеал“ патот низ атмосферата и паднал на површината на Земјата. Метеоритите главно се состојат од камен и железо. Тие содржат околу 90% железо, но може да содржат и други елементи, како кислород, магнезиум или силициум. Повеќето метеорити се мали, но понекогаш можат да бидат и големи колку еден камен од 100 килограми (како овој на сликата).
Општиот назив за сите мали карпести или метални небески тела што патуваат низ вселената е метеороиди и тие се значително помали од астероидите.