Што е тоа квантна механика? (ДЕЛ-2/4)

Што ако каменот кој сме го фрлиле кон дрвото ни се појави во џебот?

Значи, класичната механика е тука, живееме со неа, сѐ околу нас е нејзино владеење. Ако сега излеземе надвор и фрлиме камен кон некое стебло, што ќе се случи? Постои процент на веројатност дека некој ќе нѐ гледа запрашувајќи се зошто го правиме тоа. Постои процент на веројатност дека каменот може да се одбие од стеблото и да ни се врати во глава, а секако, постои процент на веројатност, иако значително помал, пред да замавнеме да нѐ удри метеор. Во сите тие случаи, па дури и во оној кога некојси метеор ни паѓа на глава, некои настани можеме да ги дефинираме со апсолутна сигурност.

Каменот, ако го фрлиме, ќе патува кон стеблото по една дефинирана траекторија и притоа ќе заземе одреден простор. Ако на располагање имаме соодветна опрема, ќе може точно да ја следиме траекторијата, брзината и локацијата на каменот. Нема шанси тој една секунда да патува кон стеблото, а потоа да се појави зад него, или пак во нашиот џеб, а во следната  секунда да продолжи да се движи кон стеблото. Тоа едноставно, колку камења и да фрлите, нема да се случи. Можеби евентуално во некој сон…

Тој камен може да го фрлите под некој агол, може и да трепери на ветрот или пак, да дувне некој силен ветер и да ви го врати назад, кој знае што ли сѐ може да се случи? Но, што и да биде, ќе биде строго според законите на класичната механика. Нив нема да може да ги надвладеете што и да се обидете.

Значи, фрлениот камен, како што утврдивме, нема да патува кон стеблото, па за момент да ви се појави во џебот и повторно да продолжи кон стеблото, за на крај да одлета до гнездото на врвот на крошната. Нема. Нема во класичната, но во квантната можно е да се случи!

Го имате ли пред очи тој апсурд што ги погазува законите на механичката физика?

Одлично ако го имате, успеавме да ја доловиме неверојатната природа на квантната механика. Најважно од сѐ е што таа постои. Не станува збор за некаква филозофија или магија, квантната механика е реалност и претставува најмистериозна научна гранка на денешницата.

Секако, каменот што го фрлате нема одеднаш да се „префрли“ од законите на класичната кон оние на квантната механика. Без грижи, сѐ на што сме навикнале околу нас и натаму ќе остане под влијание на добро познатите закони на класичната механика, но без да заборавиме дека квантната постои…, само на далеку помали простори отколку што можеме да видиме со голо око.

Патување до квантот

Но, каде и според кои закони владее квантната механика? Како што кажува и самиот назив, таа се среќава на ниво на „квант“…Но, што е пак сега квант? Тоа е најмалата количина на енергија, со определена фрекфенција, којашто може да се ослободи.

Поедноставено: Квантот е нешто најмало што можеме да го замислиме, најмал физички ентитет, кој може да учествува во каква било интеракција. Со квант се означува неделива, најмала количина енергија што се јавува во елементарните процеси. Пример за квант? Најдобар пример кој можеме да го дадеме е секако – фотон, елементарна честичка на светлината.

Со напредни инструменти квантите можеме да ги набљудуваме како што можеме и самите атоми, но следејќи ги нив доаѓаме до една речиси невозможна состојба.

Се сеќавате на каменот од горната приказна? Нему, во секој момент можеме да му ја дефинираме брзината и локацијата. А, на квантната честичка? Не сосема…имено, можеме, но никогаш не и двете вредности истовремено. Или ќе ја знаеме нејзината локација или нејзината брзина. Како постојано да ни „крие“ едно нејзино својство. И тука не е проблем со нашата опрема, за тие факти сме свесни повеќе од 80 години, а од тогаш мерните инструменти се прилично унапредени.

Има свои закони, а еден од нив е дека сака да биде на повеќе места истовремено…!

Продолжува…

Поддржете ја нашата работа: