Што е тоа „насмеана депресија“ и како да ја препознаете?

Можеби се чини дека симптомите на депресија лесно се забележуваат – незаинтересираност, променливо расположение, неконтролиран апетит или нејадење ништо…Но, понекогаш не е лесно да се препознаат симптомите, не затоа што ги нема, туку затоа што се прикриени. Една личност може да биде депресивна, иако секој ден како вообичаено, оди на работа, се гледа со пријателите, поминува време со семејството..и сето тоа со насмевка на лицето.

Зборуваме за „насмеаната депресија“, што звучи сосема спротивно, но судејќи според психологот др. Хајди Мекензи, депресијата и насмевките меѓусебно не се исклучуваат.

„Луѓето кои страдаат од овој вид на депресија често несвесно ги маскираат симптомите. Тие секој ден како и обично стануваат наутро, се облекуваат, одат на работа и имаат интеракција со други луѓе, со што го прикриваат лошото чувство кое го носат во себе.“, објаснува др. Мекензи.

Таа истакнува дека „насмеана депресија“ е всушност друг назив за високофункционална депресија – хронично чувство на тага кое може да вклучи несоница, губење на апетит, немање надеж, но да се задржи способноста некако да се функционира во денот.

Психијатарот др. Карен Стјуард пак вели дека терминот „насмеана депресија“ се користи за на луѓето полесно да им се објасни ситуацијата, затоа што на друг начин би им било потешко да ја сфатат. „Не се депресивни само оние кои со денови остануваат во кревет, со спуштени ролетни. Има и такви кои заедно со депресијата успеваат да одат на работа, да се грижат за семејството, да се шегуваат, но во себе не чувствуваат радост. “, нагласува Стјуард.

Како да препознаете „насмеана депресија“?

-На крајот од денот се чуствувате сосема исцрпено, макар и да сте немале премногу работа и обврски

-Секое утро се будите со тешкотија и безволност

-Во текот на денот добивате енергија да ги завршувате обврските, но немате желба за лични задоволства

-Внатре во себе се чувствувате празно и отсутно, поголемиот дел од времето

-Грижата за себе си и својот изглед ја спуштате на минимум. Колку да не се забележува дека не ви е до ништо

-Се почесто ги избегнувате пријателите

-Имате циклуси на негативни емоции: чувство на вина, срам, самокритика, нерасположение

Доколку сметате дека имате некои симптоми на „насмеана депресија“, кои траат повеќе од две недели, побарајте помош.

Поставувањето на вистинската дијагноза е најважно за надминување на психолошките и психичките проблеми.

Во соработка со: Gostivarpress.mk

Поддржете ја нашата работа: