Што ќе се случи со мозокот на астронаутот на пат до Марс?

Тој е под опсада на деструктивни честички кои можат трајно да ги оштетат неговите когнитивни способности – ова се наодите од Универзитетот Ирвајн во Калифорнија, што се објавени во списанието „Science Advances“.

Чарлс Лимоли и неговите колеги откриле дека изложеноста на високо енергетски честички – слично како оние што се наоѓаат во галактичките космички зраци што ги бомбардираат астронаутите при продолжен престој во вселената, предизвикуваaт значителна штета на централниот нервен систем, што резултира со когнитивни пореметувања.

За потребите на истражувањето, во лабораторијата на НАСА за вселенска радијација при Националната лабораторија „Brookhaven“, глодари биле подложени на зрачење со наелектизирани честички (целосно јонизиран кислород и титаниум), а потоа биле испратени назад во лабораторијата на Ирвајн.

Истражувачите откриле дека  зрачењето резултирало со воспаление на мозокот, кое го прекинува преносот на сигналите помеѓу невроните. Снимките откриле дека мозочната комуникациска мрежа била нарушена преку намалување на структурата на нервните клетки. Дополнителни промени во синапсите, заедно со структурните промени во нервните клетки, ја намалуваат способноста на нервните клетки ефикасно да ги пренесуваат електрохемиските сигнали. Овие разлики биле паралелни со намалените перформански во задачите, креирани да ги тестираат процесите на учење и меморија.

Слични промени, но со поизразени когнитивни нарушувања се чести кај пациентите со рак на мозокот, кои биле подложени на третмани со фотонско зрачење со многу повисоки дози. Во друго истражување, Лимоли го проучува влијанијето на хемотерапијата и кранијалното зрачење врз когнитивните способности.

Со оглед на тоа дека кај астронаутите би требало да поминат месеци додека оваа состојба се манифестира, времето што е потребно за мисија на Марс е доволно ваквите нарушувања да се развијат -вели Лимоли. Луѓето што долго време престојуваат на Меѓународната Вселенска Станица, не се соочуваат со исто ниво на бомбардирање од галактички космички зраци, бидејќи се наоѓаат во заштитната магнетосфера на Земјата.

Честичките што ги сочинуваат космичките зраци, главно се остатоци од минати супернова настани.

Трудот на Лимоли е дел од Програмата за човечки истражувања на НАСА, каде се вршат истражувања како вселенските зрачења влијаат на астронаутите. Изнаоѓањето на начини да се ублажат овие ефекти се од клучно значење за понатамошните истражувања на вселената и НАСА мора да ги земе предвид овие ризици при планирање на мисиите на Марс и пошироко.

Но, што е потребно да се стори за да се заштитат астронаутите во мисиите кон Црвената планета?

Како делумно решение, вселенскито летало би требало да биде дизајнирано да има делови со зголемена заштита, како што се деловите за одмор и спиење, вели Лимоли. Сепак – нагласува тој, овие честички секако ќе поминат низ леталото, така што не постои начин тие да се избегнат.

Одредена надеж можат да пружат превентивните мерки. „Работиме на фармаколошки компоненти кои ги собираат слободните радикали и ја штитат невротрансмисијата. Но тие се се’ уште во развојна фаза и треба дополнително да се оптимизираат“- вели Лимоли.

Поддржете ја нашата работа: