Што најчесто сонуваме и зошто?

Секое сонување не е исто. Сонувањето „работи“ според човековото искуство (понекогаш и го надминува), притоа внесувајќи разни емоции и настани, кои многу често се бизарни. Соновите можат да бидат смешни, застрашувачки, тажни или чудни. Постојат неколку класификации на соновите и тоа:

Кошмари

Се дефинираат како застражувачки сонови кои резултираат со одреден степен на будење од сонот. „Лошите сонови“ се сметаат за полесна форма на кошмарите.

Истражувањата укажуваат дека околу 5% од луѓето имаат кошмари еднаш неделно. Може да бидат резултат на стрес, емоционален пресврт или трауматично искуство. Може да се појават како несакани последици од некој лек, или некоја болест, како и од злоупотреба на дрога и алкохол. Кошмарите предизвикуваат нарушено спиење, а може и да имаат и други здравствени последици, како на пр. несоница, замор во текот на денот, депресија и анксиозност. Некои луѓе со одредени состојби имаат поголема веројатност за кошмари, како на пр. лицата кои страдаат од мигрена, опструктивна апнеа при спиење или клиничка депресија. Поврзаноста на кошмарите со депресијата е доста сложена. Депресијата се поврзува со појавата на кошмари, а кошмарите предизвикуваат појава или влошување на депресијата.

Ноќен страв или страв при спиење

Ова е уште едно застрашувачко искуство кое се манифестира со епизоди на страв за време на сонот. Овие епизоди најчесто се придружени со врескање или викање, како и физичко движење како на пр. скокање од кревет или замавнување со рацете и нозете од паника.

Истражувањата сугерираат дека овој страв при спиење почесто се случува кај децата, отколку кај возрасните, поточно кај околу 6% од децата на возраст од 3-12 години.

Повторувачки соништа

Ова се соништа кои повторно се појавуваат со некоја одредена шема на повторување. Истражувањата сугерираат дека овие сонови се повразни со психолошко пореметување и кај децата и кај возрасните

Луцидни соништа

Ова е фасцинантна форма на сон при што „сонувачот“ е свесен дека сонува и често може да манипулира или да го контролира сонот како што се развива. Истражувањата го поврзуваат луцидното сонување со зголемени мозочни бранови и невообичаено зголемено ниво на мозочната активност во фронталниот лобус, област на мозокот поврзана со свеста, чувството за себе, како и јазикот и меморијата.

Нашиот живот влијае на соништата. Одговорите на прашањата зошто сонуваме вклучуваат теории дека сонувањето е средство преку кое мозокот обработува емоции, стимулации, спомени и информации кои биле апсорбирани во текот на денот. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои ни се појавуваат во соновите се најчесто луѓе кои ги познаваме, односно според истражувањата повеќе од 48% од личностите во соновите може да ги именуваме, околу 35% може да ги идентификуваме по нивната општествена улога или врска, како на пр. докторот, полицаецот и сл, а само 16% ни се непознати. Меѓутоа не мора да значи дека веднаш ќе ги сонуваме работите што ни се случиле во текот на денот. Понекогаш сонот може да настане со закаснување од неколку денови, па дури и недели, бидејќи и краткотрајната (еднодневна) и малку подолготрајната меморија (во период од една недела) се инкорпорираат во соништата.

Уште една функција на сонувањето е обработувањето на трауматичните настани и помирувањето со истите. Тагата, стравот и загубата често се манифестираат во сонувањето. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои загубиле некој близок често го сонуваат, повикувајќи се на минатото кога бил жив, гледајќи го среќен или пак добивајќи пораки од него.

Исто така, има фасцинирачки истражувања кои покажуваат дека нашиот капацитет за сонување на различни начини е поголем од нашето искуство, односно постојат луѓе кои се родени парализирани, а сонуваат дека одат, пливаат и трчаат, како и луѓе родени глуви, кои изјавиле дека слушаат во сон. Ова би можело да не доведе до теоријата дека сонувањето служи како еден голем модел на виртуелна реалност.

Анализата и толкувањето на соништата ги фасцинирале луѓето уште од античко време. Модерната наука пак, своето внимание го насочила кон психичката и когнитивната механика на сонувањето, но се’ уште постојат научници кои ги истражуваат содржините на сонот. Некои од најчестите сонови вклучуваат: како доцниме некаде, како решаваме некој тест на училиште или факултет, како некој не брка или напаѓа, како паѓаме или летаме, некој сексуален чин или пак некој близок што умира.

Научниците во Јапонија веќе постигнале напредок во толкувањето на содржината на соништата, со помош на техника наречена нервно декодирање, која вклучува скенирање на мозокот за време на разговорите со субјектите, со цел да се идентификува визуелната содржина на соновите.

Дали можеби нервното декодирање ќе биде иднината на проучувањето на содржината на соновите? Сепак, проучувањето на содржината е начин на кој бараме одговор на најфундаменталното прашање кое се’ уште нема одговор, а тоа е – зошто сонуваме?

 

Поддржете ја нашата работа: