Астронаутот Скот Кели за доброто на науката помина цели 340 дена на Меѓународната вселенска станица (МВС). НАСА се надева дека ќе открие како делува нула гравитацијата врз телото на Кели во споредба со неговиот брат близнак Марк, кој за тоа време бил на Земјата. Наодите ќе бидат од голема важност за планираните идни долгорочни мисии во вселената.
Но прво, еве неколку податоци што се познати во врска со тоа како вселената влијае на човечкиот организам
Луѓето што долго време престојуваат во вселената може да страдаат од психолошки проблеми, па затоа НАСА ги подложува на ригорозни тестирања сите кандидати за астронаути за да утврди дали можат да го издржат неколкумесечното патување и условите во простор голем колку една спална соба.
Меѓународната вселенска станица орбитира на 400 километри над површината на Земјата. Астронаутите кои одат таму може да го доживеат феноменот наречен “break-off“ , кој може да биде предизвикан од изолацијата, нивната менталната состојба, па дури и од начинот на кој е обликуван вселенскиот брод. Според д-р.Лери Јанг, професор по астронаутика на МИТ, ова кај астроаутите може да биде причина за ненадејна појава на бес или чувство дека се отцепени од реалниот свет.
Физички, бестежинската состојба доведува до намалување на цврстината на коските, па затоа астронаутите мора многу да вежбаат. Тие два часа дневно трчаат и дигаат тегови користејќи специјални машини кои симулираат гравитација. Кели поминал околу 700 часа во дигање тегови и истрчал над 1 000 км. за време на својот престој на МВС.
Што се надеваат научниците да откријат?
Гравитацијата ги одржува течностите во телото да бидат каде што треба, но без гравитација тие се движат во други делови од телото. Како што покажува графиката, за периодот од една година што Кели ја поминал во вселената, околу два литри течност од нозете се префрлиле кон главата на Кели. Најочигледна промена од ваквата прераспределба на течностите е т.н .„лице како месечина“ или надуеност во образите што ја имаат лицата после престој во бестежинска состојба.
Промената на течностите во телото предизвикува и промени во видот. Астронаутите со одличен вид после подолг престој во вселената се враќаат со мала кратковидост. НАСА смета дека ова е последица од зголеменото количество на течности околу мозокот што го зголемува притисокот околу оптичкиот нерв и го деформира очното јаболко.
За време на престојот во вселената, Кели и неговите колеги астронаути, неколку пати носеле руски вселенски костим (Chibis костум). Тоа во основа се пар гломазни, гумени пантолони кои делуваат како вакуум која го отстранува воздухот околу нозете на астронаутот за да ги имитира ефектите од гравитацијата. Ова одело што го користат руските астронаути на МВС е направено со цел да им овозможи на астронаутите да се привикнат на гравитацијата пред да се вратат на Земата. Во текот на целиот процес, НАСА ја мониторирала работата на срцето, видот и распределбата на течностите во телото на Кели.
Радијацијата сѐ уште останува најголема закана за човекот во обидите да го освои универзумот. Астронаутите се постојано бомбардирани од радијација, дури и во вселенските бродови, а МВС е дизајнирана со заштита од радијација. Иако се познати опасностите од преголемо изложување на радијација, како што е зголемен ризик од појава на рак, па дури смрт, НАСА овој пат ќе истражува дали радијацијата извршила промени во ДНК кај Кели, во споредба со неговиот брат близнак со кој имаат ист генетски код.
Со споредување на ДНК од Кели и неговиот брат, НАСА се надева дека ќе открие дали долгиот престој во вселената ќе предизвика значителни промени, меѓу кои и на теломерите кои ги штитат хромозомите од оштетување. Патувањето во вселената може да го забрза биолошкиот часовник кај човекот, што значи дека теломерите стареат побрзо од нормално. Ова може да предизвика ментални проблеми кај астронаутите подоцна во животот.
Ќе треба одредено време додека се утврдат резултатите од едногодишниот престој на Кели во вселената, но благодарение на неговото патување, науката ќе биде поспремна да се справи со предизвиците што не очекуваат на патот до ѕвездите и подалеку.
Извор: „Gizmodo“