Што решија светските лидери во Париз?

Во текот на изминатите две недели, водачите и претставниците од 195 земји во светот го формулираа глобалниот договор за редукција на климатските промени на Конференцијата за климатските промени 2015, што се одржа во Париз. Сега се очекува од владите да ги почитуваат обврските од договорот и да ги спроведат во дело.

Финалната верзија од договорот беше објавена минатиот викенд. Во договорот се нагласуваат различните мерки што е потребно да се спроведат за да се ограничи просечното глобално затоплување до 2 степени Целзиусови, а идеална цел би била 1,5 степени.

Од присутните, овој договор беше наречен „Најважната колективна активност за справување со климатските промени со која сите се согласни“.

1Факти

Како прво со договорот се признаваат два фундаментални факти:

  •  „Климатските промени претставуваат ургентна и потенцијално неповратна закана за човештвото и планетата, па затоа е потребна најширока соработка од сите земји“.
  •  „Ќе бидат потребни големи намалувања на емисиите на глоблно ниво, за да може да се достигнат поставените цели од Конвенцијата, со што се нагласува потребата од итност во решавањето на климатските промени“.

Најважната работа што треба да ја направи глобалната заедница е да го одржува затоплувањето под границата од 2 степени Целзиусови, за да се спречат најтешките ефекти од глобалното затоплување.

За да се достигне оваа цел, потребно е да престане согорувањето на фосилните горива и да се ограничи испуштањето на СО2 во атмосферата, а најбогатите нации се согласија да соберат доволно средства за да може до 2020 година, 100 милијрди американски долари да им бидат достапни на земјите во развој како помош за да ја достигнат поставената цел.

За да се осигури напредокот и да се спроведат индивидуалните цели за секоја држава, учесниците се законски обврзани да се состанат повторно во 2023 година, а потоа на секои пет години за да се оценат новите цели за редукција на емисијата на гасовите од страна на Комисијта.

Значи, индивидуалните планови секоја од земјите ги одредува самостојно, но имаат законска обврска за јавно мониторирање, потврда и известување за активностите што ги преземаат, како и јавно да известуваат за следните планови,  со цел земјите да бидат ставени под притисок на меѓународната јавноста за да не заостануваат во спроведување на обврските.

2Мислења

Додека претседателот Обама го нарече овој договор „Најдобрата шанса да се спаси единствената планета која ја имаме“, многу критичари истакнуваат дека во оваа фаза, обврските од договорот едноставно не се доволни.

„На пример, со сегашните заложби за намалување на емисијата на стакленичките гасови, затоплувањето ќе се ограничи само на 2,7 до 3 степени Целзиусови до 2100 година“- вели Сара Перкинс од Центарот за климатски истражувања на Австралија. Таа додава дека за да се постигне целта затоплувањето да биде под 2 степени, „неопходно е драстично и брзо редуцирање на фосилните горива како извор на енергија, како и отстранување на атмосферскиот јаглерод“, но проблемот е дека сето ова треба да започне во период од пет години, почнувајќи од 2023 година. Со такво темпо нема да се постигнат значајни промени.

Други пак ја критикуваат неодреденоста на договорот, како што нагласува Морган Кленданиел во „Fast Company“: „Во договорот недостасуваат конкретни бројки за намалување на емисиите на гасовите, за целите, монетарните обврски и казните за непочитување на договореното“.

Џорџ Монибот во „The Guardian“, вели: „Додека во претходната нацрт верзија беа одредени датуми и проценти, финалниот текст има за цел само „да се постигне глобално намалување на емисијата на стакленички гасови што е можно поскоро“. Ова може сѐ да значи, а и ништо да не значи.

Ќе треба да почекаме за да видиме што ќе произлезе од овој историски договор.

Сепак постоењето на овој договор е голема промена, со оглед на тоа дека до неодамна многу од владите негираа дека постојат климатски промени предизвикани од човечките активности.

Целиот текст на договорот може да го прочитате тука.