Независно дали се љубители на класична, метал или поп музика, мозокот на секој што слуша музика реагира скоро на ист начин. Скеновите покажале дека регионите во мозокот кои се вклучени во процесирање на музиката се поврзани со движењето, вниманието, планирањето на моториката и аудиторниот кортекс.
Но, за разлика од другите аудитивни стимулуси, мозокот реагира на музиката на потполно различен начин. Тоа е на некој начин необично, особено ако се земе предвид дека во моментите кога емоционалниот набој во одредена песна го достигнува врвот, многу е веројатно дека вашиот мозок ќе ослободи допамин – невротрансмитер кој помага во контролата на мозочните центри за наградување.
Тоа ја става музиката во истата категорија на елементи кои будат задоволство како што е храната, сексот и дрогите. Кој друг звук може да го постигне ова?
Како што се објаснува во виеото на „Life Noggin“, музиката не само што прави нашето тело да ослободува хемикалии кои не прават да се чувствуваме убаво, туку прави и светот да го гледаме различно.
Истражувањата покажале дека во зависност од тоа дали сте слушале весела или тажна песна, многу е веројатно дека некои од тие чувства ќе ги проектирате и кон некој друг. Во еден експеримент кога на учесниците им било прикажано „неутрално“ лице (кое не покажува емоции), оние кои слушале тажна музика сметале дека изгледа потажно отколку што е, а оние кои слушале весела музика го восприемале лицето како повесело.
Не само што влијае на нашите емоции и нашата способност да ги „прочитаме“ другите, музиката исто така може да има извонредни ефекти кај оштетувањата на мозокот.
Во едно истражување од 2013 година, научниците ги проучувале пациентите со унилатерална одземеност што е честа појава кај пациентите што доживеале мозочен удар, при што тие не чувствуваат сетилни дразби на страната од телото која е спротивна на страната во мозокот каде се наоѓа оштетувањето.
Истражувачите од Националниот Универзитет Чанг Кунг во Тајван, ги изложиле пациентите на тишина, на бел шум или на класична музика и откриле дека класичната музика има најпозитивни ефекти кога се работи за обновување на нивното внимание кон визуелни дразби. Се покажало дека дури и белиот шум делува повеќе терапевтски отколку никаква музика.
Во видеото подолу погледнете ја моќта на музиката и дознајте зошто претставува дрога по избор на човештвото.