Генетското уредување, без разлика дали станува збор за генетско модифицирани растенија или животни отпорни на болести, секогаш се соочувало со остри критики. Се стравува дека со менувањето на човечката ДНК во ембрионите непромислено може да се создаде фатална генетска болест која може да постои со генерации.
Но, и покрај тоа, еден истражувач се обидува да го изведе најконтроверзното уредување на гени на Земјата. Биологот Фредрик Ланер е првиот истражувач што ќе ја модифица ДНК-та на здрав човечки ембрион.
Ланер, кој работи на Институтот „Karolinska“ во Стокхолм, ќе ги уредува гените во човечките ембриони за да открие како тие го регулираат почетниот развој на ембрионот. Тој особено се фокусира на гените кои се од клучно значење за нормалниот раст на ембрионот, за да дознае повеќе за стерилитетот, абортусите, матичните клетки, и како да се третираат исцрпувачките услови.
„Доколку можеме да разбереме како овие рани клетки се регулирани во самиот ембрион, ова знаење ќе ни помогне во инднина да лекуваме пациенти со дијабетес, Паркинсонова болест, или пак различни типови на слепило и други болести“ – изјавува Ланер.
Тој го користи популарниот метод за уредување „CRISPR-Cas9“. Ова алатка користи две молекули кои се фокусираат на индивидуалниот ген за да направат ултра-прецизна промена на ДНК-та.
Едно истражување во Кина во 2015-тата година кое го опфаќало првиот експеримент за уредување на гените кај човекот – и покрај тоа што не користеле здрав човечки ембрион – предизвикало лавина од меѓународни дебати, па оттогаш, глобалниот концензус забранил секакво уредување на човечките ембриони , кои се наменети за започнување на една бременост.
Ланер ги смирил ваквите стравови дека неговото истражување би можело да доведе до опасни мутации кај луѓето, истакнувајќи дека ембрионите ќе бидат набљудувани во првите седум денови, и нема да бидат во можност да се развиваат по 14-тиот ден.
„ Ова не е технологија која треба да се сфати несериозно. Затоа јас ќе застанам против секој кој смета дека оваа постапка треба да се користи за да се создадат дизајнирани бебиња или подобрување поради естетски причини“ – додава Ланер.