Прашањето е отворено за дебата и може да се одговори од неколку аспекти (пример прв впечаток за личноста, здравје итн).
Во таа насока, истражувачите пронашле врска помеѓу тоа колку е силен вашиот стисок на раката и вашите шанси за развој на дијабетес.
Имено, во студијата спроведена на Универзитетот во Флорида, истражувачите откриле дека силата на вашиот стисок може да обезбеди индиции за неоткриена шеќерна болест или висок крвен притисок, особено ако сте „слаби, но со масти”. Тоа значи дека сте во рамките на нормалниот индекс на телесна маса (BMI), но вашиот сооднос на масти и мускули се приклонува повеќе кон мастите. Со други зборови, околу 25% телесни масти кај мажите и 35% телесни масти кај жените.
Луѓето кои се вклопуваат во овие категории имаат помала веројатност да се тестираат за висок крвен притисок или дијабетес, бидејќи тие имаат тенденција да не се сметаат себеси за прекумерно дебели.
Постои значителен интерес и фокус на дебелината и тоа со право. Но, постои загриженост за пропуштање на здравствените проблеми кај луѓето кои имаат намалена мускулна маса, но не одговараат на критериумите за прекумерна тежина, бидејќи овие луѓе не се опфатени со скрининг програмите.
Луѓето кои се слаби со масти имаат четири пати поголеми шанси да развијат проблеми, како зголемен крвен притисок, висок крвен шеќер, и абнормални нивоа на холестерол во однос на луѓе кои имаат пониски масти.
Во студијата, истражувачите ја мереле силината на стисокот, крвниот притисок и шеќерот во крвта на речиси 1.500 возрасни лица на возраст од 20 и повеќе години, кои имале индекс на телесна маса 18,5-24,9 (здрав опсег). Лицата со недијагностициран висок крвен притисок или дијабетес имале послаб стисок од оние без здравствени проблеми од ваков вид.
Силата на стисокот овозможува релативно лесно да се идентификуваат лицата со недијагностицирана хипертензија и дијабетес, дури и откако ќе се прилагодат факторите како возраст, пол, висина или семејна историја на болеста. Таа секако претставува важна неинвазивна алатка со ниска цена. Но, сепак, истражувачите веруваат дека се потребни дополнителни анализи пред да се користи како скрининг алатка.