Синдромот Кувад претставува неволна манифестација на симптоми на бременост кај маж, чија партнерка очекува бебе. Понекогаш се нарекува и „сочувствителна бременост“. Медицински не претставува физичко или ментално пореметување и не е последица на повреда или болест.
Во спектарот од физички и психолошки симптоми што се „поврзани со бременоста“ спаѓаат: болки во стомакот и надуеност, болки во грбот, летаргија, утрински мачнини, изразена желба или одбивност кон некоја храна, додека најизразени психолошки симптоми се: пре-наталната депесија и промени во расположението, вознемиреност, лоша концентрација и опаѓање на меморијата.
Колективно, овие симптоми може да претставуваат емпатиска идентификација со бремената партнерка и нероденото дете на мажот, но може да бидат и резултат на несвесни мисли и да претставуваат закана за обете.
Симптомите на Синдромот Кувад, хронолошки се јавуваат на почетокот од првото тромесечје, па привремено исчезнуваат на почетокот на второто тромесечје и повторно се појавуваат во последно тромесечје. Иако синдромот се појавува во сите развиени земји во светот, бројот на нови случаи во овие земји варира. Неколку истражувања покажале дека овој процент во САД се движи помеѓу 25% и 52% од сите мажи кои имат бремени партнерки, 20% во Шведска, а се проценува дека во Тајланд таа бројка изнесува 61%.
Постојат неколку теории кои се обидуваат да го објаснат синдромот Кувад.
Психоаналитичка теорија
Според психоаналитичката теорија, кај мажите се развива овој синдром поради завист кон способноста на жената да одржува живот во себе. За мажите, бременоста на партнерката делува како катализатор за амбивалентноста и оживување на Едиповиот комплекс. Овој настан може да предизвика регресија – бременоста на партнерката го поттикнува враќањето на чувствата и комфликтите што мажот ги доживеал во детството, како што се одбивање, исклучување, нерешителност и вознемиреност – со чуство на пасивност и зависност, што се интензивира со развојот на фетусот што е во спротивност со потребата на мажот за сопствена автономија.
Според друга психоаналитичка теорија, идниот татко може понекогаш да го доживува нероденото дете како ривал кон кого се пренасочува вниманието. Но, ова се изарзува преку социјално поприфатлив начин, како што е овој синдром. Ова сугерира дека синдромот има заштитничка улога за мажот, бидејќи му овозможуваат да се идентификува со бремената партнерка и ги зајакнува неговите протективни инстинкти кон неа и бебето.
Психосоцијална теорија
Психосоцијалната теорија ги зема во обѕир социјалните околности и се фокусира на маргинализацијата на мажот за време на бременоста и породувањето на жената, особено кога се работи за прво дете на мажот. Додека мајчинството е важна карактеристика што ја дефинира жената, истото може да не важи за татковството и мажот. Тоа што мажот не може да раѓа, може да го натера да се чувствува дека има споредна улога, а понекогаш и дека е бескорисен. За да го разрешат овој статус за време на бременоста и породувањето на жената, мажите несвесно го пренесочуваат вниманието од жената кон себе со појава на сидромот Кувад.
Теорија за транзиција и криза
Според оваа теорија, преодот кон татковство потенцијално може да биде патолошки, предизвикувајќи лична внатрешна борба која може да биде многу стресна. Преодот од двочлена во трочлена заедница претставува еден од најтешките периоди за идниот татко. На ова може да се додаде и фактот дека мажите ја прифаќаат бременоста, но без физичките промени кои ја потврдуваат реалноста. Ова предизвикува бројни конфликти за време на транзицијата, вклучувајќи љубомора и ривалитет кон нероденото дете, зголемена амбивалентност кон сопствените родители и сексуални конфликти. Покрај сите овие работи што ги доживуваат, не е изненадувачки да се видат и некои психички последици.
Поврзаност
Сепак, парадоксално, мажите што се подготвуваат за родителската улога – на пример посетуваат пренатални обуки, повеќе се подложни на овој синдром. Според оваа теорија, зголемената поврзаност со фетусот, ја зголемува појавата на синдромот.
Напад од хормоните
Кај синдромот Кувад , исто така се покажува и поврзаност со хормоните, но нема доволен број на истражувања во врска со таа поврзаност. Досега, само две студии ја потврдуваат хормоналната основа на синдромот – едната објавена во 2000, а втората во 2001 година. Наодите од двете студии покажуваат значително зголемување на нивото на хормоните пролактин и естроген кај мажот, во првото и третото тромесечје од бременоста на партнерката, но намалено ниво на тестостерон и хормонот на стрес- кортизол. Овие хормонални промени се поврзуваат со татковското однесување, но и со симптомите на Кувад – замор, промени во апетитот и зголемување на тежината.
Ваквиот сплет на различни теории нуди можност за објаснување на потеклото на овој синдром. Сепак, некои од нив, како што е хормоналната теорија, не се доволно истражени. Оние пак кои ги објаснуваат психосоцијалните причини, на пример, јасно покажуваат различни наоди, што го ослабнува конечниот заклучок дека корените на овој синдром се тука. Се предлага следните истражувања во оваа област да се фокусираат на поврзаноста на хормоните со овој синдром.