Што е синдромот „Турет“?
Синдромот „Турет“ се појавува во детството. Првите симптоми се тикови кои се повторуваат. Тиковите претставуваат ненедејни движења или звуци кои постојано се повторуваат, како на пример повторувачко намигнување, климање со главата или постојано поткашлување. Тиковите кај децата се честа појава и вообичаено траат помалку од година. Но, децата со „Туретов“ синдром имаат многу различни тикови (и моторички и вокални) и тие траат повеќе од една година, а поврзан е и со различни други проблеми, како што се проблеми во однесувањето и хиперкинетичкото пореметување (ADHD). Најчесто може добро да се контролира со помош на психолошки третмани, а понекогаш и со лекови. Овој синдром е наречен по д-р Жил де ла Турет, кој прв ја опишал оваа состојба во 1885 година.
Која е причината за појава на синдромот „Турет“?
Точната причина не е позната. Постојат повеќе теории, меѓу кои и следниве:
Наследни фактори. Генерално се верува дека генетиката е одговорна за повеќето случаи на овој синдром. Гените се пренесуваат од родителите на детето и тие одредуваат како ќе изгледа детето, како ќе функционира организмот, а и кои болести детето може да ги добие. Многу е поголема веројатноста дека детето ќе развие синдром „Турет“, ако некој од родителите или од браќата и сестрите го има овој синдром.
Невролошки фактори. Некои истражувања покажале дека постојат мали дефекти во структурата и работата на мозокот кај децата со овој синдром. Истражувањата исто така сугерираат дека може да постои проблем со една од хемикалиите во мозокот што се нарекува допамин. Не постојат доволно достапни информации за деталите и значењето на овие промени.
Еколошки фактори. Иако нема цврсти докази, сепак има сознанија дека проблемите во текот на бременоста или породувањето може да го зголемат ризикот од развој на синдромот „Турет“ кај детето. Тука се вбројуваат проблемите како што се долготрајното породување, зголеменото ниво на стрес на кој мајката била подложна за време на бременоста или малата тежина на бебето при породувањето. Исто така постои можна поврзаност помеѓу одредена стрептококна инфекција кај некои деца и појавата на синдромот „Турет“. Ова се неодамнешни наоди и оваа врска се’ уште не е доволно јасна.
Колку често се јавува синдромот „Турет“?
Синдромот „Турет“ е многу почест отколку што мислиме. Отприлика едно од сто деца ја има оваа состојба, а околу три пати е почеста кај машките отколку кај женските деца.
Кои се симптомите на синдромот „Турет“?
Главен симптом се многубројните тикови. Тие можат да бидат или моторни (движења) или вокални тикови.
- Моторните тикови вклучуваат: намигнувања, вртење и климање со главата, отворање на устата, стискање на усните и сл.
- Од вокалните тикови присутни се кашлање, „шмркање“, правење на „животински“ звуци и сл.
Тиковите се честа појава и кај децата што го немаат овој синдром. Всушност едно од пет деца ќе развие по некој тик. Овие тикови се минорни и безначајни, обично се појавуваат и се губат и најчесто исчезнуваат со годините.
Кај синдромот „Турет“, децата развиваат многубројни тикови кои се појавуваат повеќе пати во текот на денот (често во вид на напад) и тиковите траат повеќе од една година. Оваа состојба обично започнува помеѓу 2-та и 14-та година (просечно на 7 годишна возраст).
Постојат и неколку други симптоми што се појавуваат понекогаш. Тука спаѓаат:
- Копролалија – несвесна употреба на непристојни зборови и пцовки. Иако овој симптом најчесто се поврзува со овој синдром, тој се појавува кај едно на 10 деца. Важно е да се нагласи дека кога ова ќе се појави, детето не е во состојба да го контролира и тоа не е одраз на неговите морални карактеристики или воспитание.
- Ехофеномен – копирање на она што го прават или зборуваат другите.
- Палилалија – повторување на сопствените зборови
- Непристојно социјално однесување – како упатување на непристојни и груби лични коментари.
Дали има и некои други проблеми?
Ако детето има синдром „Турет“ многу е веројатно дека пати од други слични состојби. Не е јасно зошто во исто време се појавуваат и овие состојби. Само кај едно од 10 деца нема други придружни проблеми. Подолу се наведени кои други состојби и колку често тие се среќаваат кај деца со синдром „Турет“.
- Опсесивно-компулзивни пореметување – се среќава отприлика кај 5 од 10 деца.
- Хиперкинетичко пореметување (ADHD) – се среќава отприлика кај 6 од 10 деца.
- Потешкотии со учењето – се јавува отприлика кај 3 од 10 деца
- Пореметувања во расположението, како депресија или вознемиреност се среќаваат отприлика кај 2 од 10 деца
- Самоповредување, како на пример удирање со главата –се среќава кај 3 од 10 деца
- Недостаток на внимание – се среќава кај 1 до 2 од 10 деца.
Како се дијагностицира синдромот „Турет“?
Не постои тест за дијагностицирање на синдромот „Турет“. Дијагнозата се поставува после внимателен разговор со родителите и детето, како и лекарски преглед за да се исклучат други пореметувања каде има појава на тикови. Ова обично го прави специјалист невролог.
Како се третира синдромот „Турет“?
Психолошки третмани. Разни психолошки третмани можат да помогнат да се олеснат симптомите и проблемите кај синдромот „Турет“. Тие третмани имаат за цел да му помогнат на детето да ги препознае и да ги контролира тиковите.
Едукација и поддршка. Има докази кои покажуваат дека ако на родителите и на детето им се дадат информации за тоа што претставува овој синдром, резултатите од третманите се подобри. Се препорачува и вклучување во групи за поддршка за да се стапи во контакт со други лица кои се во иста состојба. Многу е важно учителот во училиштето и останатите кои се вклучени во едукацијата на детето да се запознаени и обучени за да можат добро да ја менаџираат состојбата. Учителот може да има многу позитивно влијание врз однесувањето и развојот на детето ако ги сфаќа проблемите што може да се појават.
Медикаменти. Кај потешките облици на синдромот „Турет“ медикаментите понекогаш можат да помогнат да се намали појавата на тикови. Лековите кои најчесто се користат се од групата антипсихотици – халоперидол , рисперидон, а се користат исто така и бензодиазепините. Целта на овој третман е да се контролира појавата на тиковите и да му се овозможи на детето добро да функционира, со минимизирање на несаканите ефекти. Тиковите може и да не исчезнат потполно.
Останати третмани
Хирушка интервенција кај синдромот „Турет“ се препорачува само кај лицата кои имаат силно изразени симптоми кои не реагираат на други третмани. Длабоката мозочна стимулација со помош на електроди имплантирани во мозокот покажува охрабрувачки резултати во ограничен број случаи, но потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали е безбедна за поширока примена.
Останати размислувања и контроверзи околу синдромот „Турет“
Постојат различни контроверзи и различни мислења околу одредени аспекти за синдромот „Турет“, како на пример:
- Некои луѓе ги оспоруваат третманите. Има деца и тинејџери кои не сакаат да се менуваат, а понекогаш несаканите ефекти од медикаментите се полоши од самата состојба.
- Некои спорат и дека се работи за болест и тврдат дека тоа е дел од личноста и има позитивни ефекти. На пример, некои луѓе со овој синдром водат интензивен, необичен и одважен живот – понекогаш во свет исполнет со фантазија.
Каква е прогнозата?
Кај многу деца со синдром „Турет“, состојбата со време се подобрува, симптомите се намалуваат или потполно исчезнуваат. Сепак, кај некои деца состојбата со изразени симптоми ќе продолжи и во повозрасните години. И покрај тоа што тиковите имаат тенденција да се стабилизираат, можно е да се појават нови.