Еден од најдобрите истражувачи на пчели во Велика Британија вели дека една студија од пред две години, со која министрите во Велика Британија се спротивставија на забраната за неоникотиноидни пестициди на Европската Унија, всушност покажува дека пестицидите им наштетуваат на инсектите.
Студијата од пред две години, од страна на Хелен Томсон од владината Агенција за истражување на храната и животната средина, не пронајде јасна поврзаност помеѓу остатоците од пестициди и мерките за зравјето на пчелните колонии. Отсуството на овие ефекти е убедливо, но не дефинитивно, изјави таа.
Но, Дејв Гулсон од Универзитетот во Сасекс во Брајтон повторно ги анализирал податоците и вели дека тие „силно сугерираат дека колониите на диви пчели во обработливото земјиште се негативно засегнати од изложеноста на неоникотиноиди“.
Бројот на пчели остро опаѓа во Велика Британија, но и на сите други места. Причините се спорни, но многу внимание им се придава на неоникотиноидите кои се користат како пестициди за полјоделските култури како на пр. маслодајната репка.
Неколку истражувања кои ја покажуваат штетата предизвикана од пестицидите беа доволни за ЕУ привремено да ги забрани во 2013 година. Но, студијата на Томсон, која беше објавена онлајн, ја оспори таа забрана иако никогаш не беше рецензирана.
Томсон, за целите на истражувањето, поставила 40 колонии на пчели во близина на полиња со репка третирана со пестициди и го споредувала нивното здравје со 20 контролни колонии. Исто така, го испитувала и нивото на остатоци од пестицидите на поленот и нектарот од растенијата. Иако била опишана како пилот студија, немало некаква поврзаност помеѓу пестицидите и здравјето на пчелите што било доволно за да го убеди тогашниот министер да се изјасни дека нема основа за забрана на пестицидите.
Но, сега Гулсон вели дека студијата покажала 50% помалку нови кралици (матрици) во колониите во близина на полињата, иако деталната анализа покажала дека и контролните колонии исто така биле контаминирани со неоникотиноидите.
„Ова е скандалозно“, вели Мет Шардлоу од добротворната организација „Buglife“ кој водел кампања токму за ова прашање, односно за научниот процес кој се чини дека намерно бил изманипулиран за да биде во согласност со ставовите на државниот секретаријат.
Хелен Томсон не сакала да даде изјава за „New Scientist“ за заклучоците на Гулсон, но најверојатно поднела нова студија за ова прашање.
Вејмс Кросвел, специјалист за пчели од Универзитетот во Ексетер, Велика Британија вели дека можеби има поедноставно објаснување за ова. „Вакви контра – интерпретации понекогаш се случуваат во литературата. Невообичаени се, но не се нови“, вели тој.