„Она што успеавме да го постигнеме, во основа, е систем кој го локализира епицентарот на инфекцијата и овозможува во реално време да се следи бактериската активност. Со тоа добиваме брз одговор на тоа како бактеријата реагира на антибиотиците”, истакнува Санџај Џејн, специјалист за инфективни болести од Центарот за детски болести на „Џонс Хопкинс“.
Во описот на овој труд, објавен во „Science Translational Medicine“, истражувачкиот тим вели дека едноставноста, брзината и прецизноста на овој модел може да го смени начинот на дијагностицирање, следење и третирање на опасните бактериски инфекции. Иако експериментите се вршени на глувци, истражувачите велат дека клиничката примена кај луѓето би можела да се случи многу брзо, бидејќи и ПЕТ-скенот и материјалите се веќе достапни.
Новата техника е супериорна во однос на другите техники бидејќи селективно и прецизно таргетира една класа од Грам-негативните бактерии, познати како Ентеробактерии (Enterobacteriaceae), во кои спаѓаат бактерии како „E. coli“, „Salmonella“, „Klebsiella“, и десетина други патогени кои можат да бидат потенцијално многу опасни, особено за хоспитализираните пациенти. Дел од овие бактерии можат да се употребат и како биолошко оружје, нагласуваат истражувачите.
Сегашните дијагностички алатки како КТ, МРИ и ПЕТ скенот го користат воспалението како сурогат за дијагностицирање и следење на инфекцијата. Но воспалението не е карактеристично само за бактерските инфекции и на овој начин не може да се направи разлика помеѓу воспаление предизвикано од бактерија и неинфективно воспаление, како што е воспалението предизвикано од рак, велат истражувачите.
Новата метода, на креативен начин ги комбинира веќе постоечката технологија на ПЕТ скенот (софистицирана 3Д визуелизација за снимање на тумори), и сорбитол (состојка што вообичаено се користи како замена за шеќер во храната). Методата го користи афинитетот што Грам-негативните бактерии го имаат кон сорбитолот, кој многу брзо го апсорбираат. За споредба, други класи на бактерии и други микроорганизми, како и ракот и човечките клетки не апсорбираат сорбитол. Претпоставката на
истражувачите била дека ако го направат сорбитолот радиоактивен трагач, како кај ПЕТ скенирањето, тогаш тој би можел селективно да ги открие и осветли Грам-негативните бактерии. Тоа и се случило.
Кога истражувачите инјектирале Грам-негативна „E.coli“ во едното бедро кај глушец ,а во другото безопасна мртва бактерија – и двете предизвикале воспаление. Меѓутоа, само живата „E.coli“ го привлекла трагачот и “светела” на скенот. Тоа бил главниот знак што им овозможил на истражувачите да ја разликуваат бактериската инфекција од неинфективното воспаление. Кога пак, во едното бедро ја инјектирале Грам – негативната „E.coli“, а во другото Грам – позитивната бактерија „Staphyloccocus aureus“, трагачот светел само во бедрото со „E.coli“. Со други зборови, сорбитол- трагачот направил разлика помеѓу бактериското и стерилното воспаление исто како и помеѓу инфекциите предизвикани од различни класи бактерии. Следно што направиле истражувачите , било тоа да видат дали трагачот ќе разликува воспаление на мозокот предизвикано од „E.coli“ и воспаление предизвикано од рак. И тука трагачот ги осветлил само местата со „E.coli“, но не и клетките на туморот во мозокот.
Кога докторите се сомневаат дека кај некој пациент постои сериозно воспаление отпорно на лекови, рутински им даваат антибиотици со широк спектар, додека се чекаат лабораториските резултати кои ќе покажат точно кој организам ја предизвикува инфекцијата и кој лек да се употреби. Антибиотиците со широк спектар делуваат на многу патогени во исто време. Но нивната честа употреба може да доведе до развој на резистенција и да направи многу патогени да бидат отпорни на вообичаените антибиотици.
На овој начин може точно да се одреди како бактеријата реагира на одреден антибиотик во реално време. Ако е употребен соодветен антибиотик , бактеријата што се уништува многу помалку „свети” на екранот. За споредба, бактеријата која е отпорна на антибиотикот со кој се третира „свети” со ист интензитет цело време, ушто укажува на тоа дека терапијата не е соодветна.
Вака брзата идентификација на лекот на кој бактеријата е сензитивна, не само што ќе овозожи пациентот брзо да закрепне, туку може и да му заштеди многу пари од непотребните третмани на здравствениот систем.