Скриениот свет во океаните

Меѓународен тим на научници, во текот на 3 години, го проучуваше скриениот свет на најмалите организми во океаните. Досега тие открија 35 илјади видови на бактерии, 5 илјади нови вируси и 150 илјади едноклеточни растенија и организми. Тие сметаат дека поголемиот дел од нив се нови за науката.

„Го имаме најкомплетниот опис на планктонски организми досега. Конечно имаме каталог на она што е присутно во океаните на глобално ниво“, вели д-р Крис Боулер од Националниот центар за научни истражувања во Париз.

Планктонските организми сочинуваат 90% од масата на целиот живот во океаните – тие вклучуваат вируси, бактерии, едноклеточни растенија и праживотни. Тие ја формираат основата на синџирот на исхрана и преку фотосинтеза произведуваат половина од кислородот кој го дишеме. Досега, многу малку беше познато за овој океански екосистем. Експедицијата „Тара“ го промени тоа.

Научниците патувале низ океаните собирајќи примероци од површинските слоеви на океанот, па се до 1000 м. во длабочина, во периодот од 2009 до 2013 година. Целиот проект чинел околу 10 милиони евра (финансиран главно од францускиот моден дизајнер Агнес Б).

Нови откритија
Досега, научниците анализирале 579 од вкупно 35-те илјади собрани примероци и резултатите ги објавиле во 5 научни трудови во „Science“.

„Опишуваме околу 5 илјади видови на вируси, од кои само 39 беа претходно познати. Сметаме дека има околу 150 илјади различни видови на праживотни, додека што се однесува на планктоните, досега се опишани околу 11 илјади – а ние имаме докази за најмалку 10 пати повеќе“, истакнува д-р Боулер.

Истражувачите откриле дека поголемиот дел од организмите, особено бактериите, се чувствителни на температура. Температурата на водата одредува кои заедници каде ќе живеат и поради климатските промени, најверојатно ќе следат одредени промени.

Истражувачите истакнуваат дека оваа научна анализа е само почеток. Податоците кои ги имаат се огромни и веќе претставуваат една од најголемите бази на податоци достапни на научната заедница. Досега тие анализирале само 2%, што значи дека ги чека огромна работа за да го разберат функционирањето на овие екосистеми и нивната важност за доброто на планетата. Ова е навистина само почетокот! Погледнете како изгледаат дел од нив:

“Lauderia annulata“ – една од најголемите дијатомеи, односно силикатни алги, пронајдена во Индискиот Океан.

Микрозоопланктон од Индискиот Океан

Уште еден вид на планктон од Индискиот Океан

Ракчиња

Ова животинче е познато како “Sapphirina copepod“

Мали медузи и риби

Корали

Планктони од Тихиот Океан

Енаука.мк (реобјавена статија)

Поддржете ја нашата работа: