Со магнетно поле до подобра меморија

Ова сигурно не е прв експеримент со цел да се подобри меморијата. Научниците се уште не успеале да најдат магична таблета што ќе ни го подобри помнењето. Меѓутоа направени се многу истражувања за тоа како работи меморијата и како може да се подобри. Еве неколку од нив.

Како работи меморијата

Постојат различни типови меморија. На пример, семантичка меморија која ги опфаќа сите видови концепти и факти, епизодна меморија која ни овозможува да го паметиме нашето лично минато, просторна меморија која ни овозможува да се движиме низ нашата околина и да запаметиме, да речеме како да се вратиме дома.Тука е и вербалната меморија која е поврзана со помнењето на зборовите.

Покрај тоа тука е и разликата помеѓу краткорочната меморија (се однесува на работи што се во нашата глава во последните неколку секунди) и долгорочната меморија. Ова е важно, бидејќи се чини дека секој тип на меморија фунционира различно, што значи дека подобрувањето на еден тип меморија не значи нужно подобрување и на друг тип.

Како меморијата физички функционира е нешто што научниците се уште не го одгатнале. Меѓутоа, познато е дека има врска со зацврстувањето на невронските врски, како и создавањето на потполно нови врски. Тоа значи дека кога ќе се покаже дека некоја техника може да ја подобри меморијата, најчесто никој не знае зошто е тоа така.

Користење на електромагнетна стимулација за поттикнување на меморијата

Постојат неколку различни начини да се поттикне мозокот. Лековите и хранливите материи се едни од нив, но не и единствени. Мозокот е орган кој користи и електрични струи кои помагаат во испраќање на пораки. Научниците се обиделе со одредени техники да влијаат на овие електрични сигнали. Една од нив е транскранијална магнетна стимулација (TMS).

Оваа техника е употребена и во претходни истражувања кај луѓе кои веќе имале вградени електроди во мозокот за третман на епилепсија. Се покажало дека со стимулација на одредени делови од мозокот може да се подобри меморијата.

Пред скоро време била изведена оваа техника без да има потреба од каква било  хируршка интервенција на мозокот. Електромагнетите биле поставени надвор од главата на учесниците, а фокусирана електрична стимулација била извршена на дел од мозокот што е поврзан со хипокампусот (hippocampus). Тоа е клучната област поврзана со меморијата. Учесниците биле стимулирани неколку дена по ред, по што покажале подобри резултати на тестовите за меморија (во споредба со тие кои биле третирани со плацебо).

Резултатите траеле и во наредните 24 часа после стимулацијата, не само за време на треманот. Снимките од мозокот покажале дека ова е резултат на зајакнатите врски помеѓу деловите од мозокот што се поврзани со меморијата. Сепак, научниците не знаат колку долго ќе траат ефектите од ваквата стимулација.

Други активности што можат да ја поттикнат меморијата


 

Други активности што можат да ја поттикнат меморијата

Секако ако немате пристап до електростимулациите, постојат и неколку други начини да ја подобрите меморијата.Две од нив посебно се истакнуваат.Тоа се спиењето и физичката активност.

Многу студии покажале дека спиењето има посебна улога во зачувувањето на спомените за да се потенцираат важните, а да се отфрлат помалку важните. Ова можеби е и причината зошто постарите луѓе што имаат пореметување на сонот имаат и проблеми со меморијата.

Вежбањето ја подобрува меморијата

Цела низа истражувања ја потврдиле врската помеѓу вежбањето и меморијата. Потврдено е дека вежбањето генерално ја подобрува меморијата.

Истражувањата покажале дека и кај постари лица со намалени когнитивни способности, редовното вежбање во тек на неколку месеци може да доведе до подобрување на меморијата. Еден од факторите кои ја подобруваат меморијата може да е и протеинот BDNF кој помага мозочните клетки да преживеат и да растат. Вежбањето го поттикнува лачењето на протеинот BDNF.

Некои лекови исто така можат да ја поттикнат меморијата

Една интересна неодамнешна студија покажа дека кофеинот може да влијае не само на вниманието туку и на меморијата. Експериментот покажал дека конзумирањето на кофеин, еквивалентен на две шољи кафе непосредно после учење, допринесува наредниот ден подобро да се присетите на ученото. Сепак ќе треба да се направат уште доста испитувања за да се утврди дали е ова вистинскиот ефект и ако е, како тој правилно да се искористи.

Во лабораториски услови, при експерименти на животни се утврдени и неколку други молекули кои имаат ефект врз меморијата. Покрај веќе спомнатата BDNF, тука спаѓаат уште и IGF-II, како и PKMzeta кој веројатно е и клучот за долгорочната меморија .

При експеримент на глувци на кој им е даден лек кој го инхибира дејството на  PKMzeta се покажало дека глувците ја изгубиле меморијата. Кога повторно им е даден PKMzeta се покажало дека меморијата се повратила.

Меѓутоа, многу од овие испитувања на животни се се‘ уште на почетно ниво во обидите да се долови како физички функционира меморијата, наместо да се открие некоја специфична терапија. Многу малку од лековите што делуваат на лабораториските животни го имаат истиот ефект и се безбедни за луѓето. А и точната улога на PKMzeta врз меморијата е се‘ уште спорна.

Секогаш постои неоспорен ризик кога се „игра” со меморијата.

Поддржете ја нашата работа: