Во исто време ова претставува и екололошки начин за справување со овој отпад.
Батериите се состојат од две електроди – анода и катода. Анодата, во повеќето денешни литиум-јонски батерии е направена од графит. Литиумските јони се содржани во течност што се нарекува електролит и за време на полнењето овие јони се складират во анодата. Научниците од Универзитетот Пердју покажаа како да се произведат јаглеродни нано-честици и микро-тенок лист на анода од отпадоците од стиропор.
Методата е многу едноставна. Стиропорот се загрева во печка на температура помеѓу 500 и 900 степени Целзиусови, во инертна атмосфера, со или без присуство на метални соли како катализатор. Материјалот што се создава како резултат на ова, потоа се претвора во анода. Процесот е евтин, не е штетен за животната средина и има потенцијал за масовно производство. Микроскопските и спектроскопските анализи потврдуваат дека микроструктурите и морфологијата кои се одговорни за врвните перформанси се зачувани и после многукратни циклуси на полнење и празнење – тврдат научниците.
Сегашните комерцијални аноди се 10 пати подебели од новите и даваат поголем електричен отпор со што се зголемува и времето на полнење. Бидејќи новите аноди се тенки и порозни, овозможен е подобар контакт со електролитот во батеријата. Овие електроди покажуваат значително поголеми перформанси за литиум-јонско складирање во споредба со графитни аноди.
Јаглеродните аноди добиени од материјалот за пакување имаат максимален специфичен капацитет од 420 mAh/g(милиамперчас по грам), кој е повисок од теоретскиот капацитет на графитот (372 mAh/g).
Долготрајните електрохемиски перформанси на овие јаглеродни електроди се многу стабилни. И после 300 циклуси на полнење не е забележен значителен пад на капацитетот. Овие електроди можат да бидат ветувачки и за натриум-јонските батериите.
Понатамошната работа ќе вклучува чекори за потенцијално подобрување на карактеристиките, со дополнително активирање преку зголемување на надворешната површина и големината на порите за да се подобрат електрохемиските перформанси – истакнуваат научниците.
Овие наоди беа презентирани на 249-тиот состанок на Националното американско хемиско здружение што се одржува во Денвер од 22-ри до 26-ти март.