Можеби ова звучи како футуристристичка идеја каде што нашето однесување ќе може да се менува додека спиеме, но научниците успеаа да покажат дека нивото на предрасуди може да биде изменето преку влијанието на начинот на кој мозокот учи за време на сонот.
Тим од научници од Универзитетот Нортвестерн покажале дека непожелните ставови – во овој случај на полова и расна предрасуда, можат да бидат изменети преку тренирање на мозокот за време на спиењето. Ваквите измени траеле и до една недела после завршувањето на експериментот. Истражувачите сметаат дека можноста да се измени непожелното однесување има потенцијал за примена во различни ситуации.
Истражувањето се фокусирало на несвесните предрасуди што секој од нас ги поседува. Овие предрасуди честопати влијаат на начинот на кој комуницираме со другите луѓе. За да го направат тоа, истражувачите се послужиле со една онлајн студија која се нарекува „Project Implicit“, креирана од нучниците од Харвард, со која се забележуваат и се тестираат многу имплицитни предрасуди кај луѓето, почнувајќи од расните, сексуалните, па се до религиските предрасуди. Тоа што го откриле било крајно вознемирувачки.
На пример, податоците од „Project Implicit“ покажувале дека 80% од луѓето имаат предрасуди во однос на постарите лица или предрасуди дека луѓето, генерално, повеќе се наклонети кон белците отколку кон црнците. Тие исто така откриле дека стереотипите што ја поврзуваат науката повеќе со мажите отколку со жените постојат во сите земји и изненадувачки, највисоки се во Скандинавија, што често се смета за општество со највисока родова еднаквост.
Истражувачите користејќи го онлајн тестот отишле еден чекор понатаму и на испитаниците им покажале слики од лица кои ги споиле со зборови кои биле обратни од вообичаените стереотипи: на пример, им покажале слики од жени кои биле опкружени со зборови поврзани со математика и наука, и слики од лица од црната раса опкружени со зборови со пријатна содржина. Додека го правеле ова, истражувачите на испитаниците им пуштале и специфични звуци. Потоа, учесниците побарале од испитаниците да го повторат онлајн тестот, а резултатите покажале дека нивните предрасуди се намалиле.
Во следниот чекор, истражувачите побарале од испитаниците да отспијат 90 минути. За тоа време – без да знаат учесниците, истражувачите повторно им пуштале специфични звуци. Истражувњето направено после дремката, покажало дека предрасудите поврзани со полот и расните предрасуди се намалиле за дополнителни 56% и дека дури и после една недела резултатите биле за 20% пониски од првичните.
„Ова го нарекувам „Таргетирана реактивација на меморијата“, бидејќи звуците што се пуштаат за време на спиењето допринесуваат релативно подобро да се меморираат информациите кои се означени за време на спиењето, од тие кои не се означени“ – вели Кен Палер, водачот на истражувањето.
Истражувачите веруваат дека ова може да најде различна примена, а не само кај предрасудите. Може, на пример, да помогне за промена на нездравите навики, како пушењето и нездравиот начин на исхрана. Сепак, некои научници предупредуваат дека ова треба да прави со посебно внимание и етиката да биде во преден план, со оглед на тоа дека луѓето се ранливи и сугестибилни за време на спиењето.
Истражувањето е објавено во списанието „Science“.