Соларната енергија полека го достигнува својот врв, надминувајќи ги пречките кои претходно ја уназадуваа оваа технологија (особено цената) до таа мера што во некои делови од светот, вишокот на сончева енергија се раздава бесплатно.
Но, ако некогаш сакаме да го достигнеме вистинскиот потенцијал на соларната енергија, треба да гледаме подалеку од денешните големи соларни панели за покривите и да истражуваме како би можеле да ги искористиме помалите соларни ќелии кои се лесни, па дури и погодни за носење.
Истражувачите од Јужна Кореја развиле нови флексибилни ултра тенки фотоволтаични ќелии. Новите ќелии се дебели само 1 микрометар, што всушност е многу потенко од човечкото влакно кое се движи од 10 до 200 микрометри во ширина, како и од стандардните фотоволтаични ќелии кои можат да бидат и до стотици пати подебели.
Оваа екстремно мала дебелина им овозможува огромна флексибилност и отпорност при виткање, што може да биде особено корисно за нивна примена на ткаенините и болеката.
Во тестирањето на истражувачите, објавено во „Applied Physics Letters“, тестовите за виткање покажале дека ултра тенките ќелии може да се замоткаат околу радиус од 1,5 милиметри.
Неодамна имавме слично достигнување, односно слични екстремно тенки ќелии кои се толку лесни што можат да се постават на меурче од сапуница и притоа да не го пукнат. Единствениот проблем е тоа што се толку лесни, што се на границата на неупотребливост.
Но, научниците не се заинтересирани само за правење на потенки и полесни соларни ќелии, туку и поефикасни. Минатата година научниците развија соларни ќелии кои може да апсорбираат значително повеќе сончева енергија од традиционалните панели, а минатиот месец научниците во Австралија поставија нов светски рекорд за соларна ефикасност, развивајќи фотоволтаични ќелии кои можат да соберат повеќе од една третина (34,5%) од енергијата на Сонцето, без концентратори.
Овие охрабрувачки резултати покажуваат дека се’ уште има напредок во истражувањата со фотоволтаични ќелии за да се направат уште поефикасни соларни ќелии. Собирањето на што е можно поголема енергија од секој сончев зрак е од клучно значење за да се намали цената на електричната енергија произведена од соларните ќелии. Несомнено се наоѓаме само на почетокот на една епска транзиција од фосилни горива на обновливи извори на енергија.