Сонцето влијае на плодноста?

Едно неодамнешно истражување на Универзитетот за наука и технологија во Норвешка покажа дека зголеменото УВ зрачење може да влијае на плодноста кај луѓето со генерации.

Во истражувањето се користени податоци од црковни записи за 9.000 луѓе, во периодот од 1750 до 1900 година. Анализирани се податоците за животните варијабли: колку биле стари жените кога го родиле првото дете, а колку кога го родиле последното; колку години поминале помеѓу раѓањето на секое од децата и колку од децата преживеале; колку од овие деца стапиле во брак и колку деца имале.

Дел од овие податоци биле споредени со факторите од животната средина, меѓу кои и сончевата активност. Наодите покажале дека децата родени во годините кога сончевата активност била поголема имале поголема веројатност да починат, во споредба со децата родени во годините со помала сончева активност. Во просек, животниот век на овие деца бил за 5,2 години пократок од другите деца, а веројатноста да починат била најголема во првите две години од животот.

Децата родени во годините кога имало многу сонце, а кои преживеале, имале помалку деца, а и нивните деца, исто така имале помалку деца. Ова покажува дека зголеменото УВ зрачење во годините кога имало голема сончева активност влијаело на сите генерации.

Како показател за количината на УВ зрачењето за одредена година, истражувачите ги користеле информациите за бројот на сончеви пеѓи. Бројот на сончеви пеѓи својот максимум го достигнува, во просек, на секои 11 години, што резултира со зголемено УВ зрачење.

УВ зраците имаат позитивен ефект врз нивото на витаминот Д во организмот на човекот, но исто така можат да го редуцираат нивото на витаминот Б9 (фолна киселина). Познато е дека ниското ниво на фолна киселина во текот на бременоста се поврзува со зголемена смртност на децата.

Истражувањето, исто така покажало дека најпогодени од УВ зрачењето биле семејствата од пониските социо-економски слоеви. Ова е веројатно поврзано со временскиот период за кој е вршено истражувањето, кога во Норвешка имало јасна класна разлика, особено во руралните средини. Жените кои работеле на полињата биле повеќе изложени на УВ зрачење, а во многу случаи имале и полоша исхрана.

Во иднина се очекува дека и климатските промени и промените во озонската обвивка на Земјата ќе го зголемат УВ зрачењето. Исто така, од 1900-тата година навака се случија многу социјални промени. Сепак, норвешките истражувачи се чувствуваат обврзани да ги предупредат жените.

„Заклучокот од ова истражување е дека не треба да се сончате ако сте бремени и ако сакате да имате многу внуци“, велат истражувачите.

Истражувањето е објавено во „Proceedings of the Royal Society B“.

Поддржете ја нашата работа: