Според едно истражување на научниците од Универзитетот Ватерлу, младите кои ги користат социјалните медиуми за да се откажат од пушењето се двојно поуспешни во своите напори, отколку оние кои користат повеќе традиционални методи.
Истражувањето, објавено во „Nicotine & Tobacco Research“, го споредувало успехот на кампањата „Break It Off“ заснована на социјалните медиуми, и телефонската линија „Smokers’ Helpline“ за младите коишто сакаат да се откажат од цигарите.
После три месеци во програмата, 32% од пушачите коишто ги користеле апликациите на „Break It Off“ успешно се откажале од цигарите, во споредба со 14% од нивните врсници кои користеле поддршка преку телефон.
„Овие наоди укажуваат на тоа дека креаторите на кампањите за јавно здравство треба да проценат како се користат социјалните медиумски канали и друштвените мрежи за подобрување на здравјето, посебно кај младата популација“, вели Брус Баскервил, водач на истражувањето.
Најголемата стапка на пушачи во Канада се млади на возраст од 19 до 29 години, но многу се ниски пријавите за употреба на традиционалните служби како што е СОС телефонот. Но, во исто време, овие млади се најголемите корисници на социјалните медиуми, од кои 91% користат Фејсбук или сајтови како Твитер.
„Традиционалните служби за откажување можат да имаат ограничен домет, и со влијанието на дигиталната ера се смалува нивната видливост“, вели Баскервил. „Токму затоа што овие млади се толку големи корисници на социјалните медиуми, овие платформи овозможуваат алтернативен и успешен начин да се стигне до пушачите, посебно до оние кои што не користат никаква програма за откажување од пушењето“.
Канадското здрушение за рак го стартуваше „Break It Off“ во јануари 2012 г. со цел младите луѓе да се вклучат во процесот на одвикнување од пушењето, низ интерактивен веб сајт и социјални медиуми.
Кампањата, во која одвикувањето од цигари се споредува со прекин на романтична врска, им овозможува на корисниците пристап до интерактивни веб апликации и смартфони за да го поттикнат нивното откажување од цигарите.