Комисијата за борба против лажни науки при Руската академија на науки (РАН), објави меморандум каде ги предупредува граѓаните дека употребата на хомеопатијата како алтернативна медицина е опасна. Истражувањата во Русија покажале дека хомеопатските препарати се неефикасни и дека се на ниво на плацебо.
„Третманите со ултра ниски дози од различни супстанции што се користат во хомеопатијата немаат научна основа. Заклучокот се базира на детална анализа на публикациите во научните списанија , извештаите од истражувањата и систематските истражувања“, се вели во извештајот од Комисијата.
Во документот се тврди дека принципите на хомеопатијата „се во спротивност со познатите физички, хемиски и биолошки закони, а убедливи експериментални потврди не постојат“.
„Хомеопатските методи за дијаностика и лечење треба да се третираат како лажно научни“ – наведува РНА.
Комисијата предупредува дека хомеопатијата не е нештетна и дека болните трошат значителни средства на препарати кои немаат дејство, а ги игнорираат препаратите со потврдена ефикасност, што „може да доведе до лош исход, а понекгаш и до смрт“.
„Хомеоптијата е создадена во времето кога најважните принципи на хемиски и биолошки својства на молекулите и постоењето на микробите, сѐ уште не биле прифатени“.
Комисијата сепак ги повикува луѓето да не ја мешаат хомеопатијата со фитотерапијата каде за терапија се користат билки и нивни екстракти. За разлика од хомеопатијата, во фитотерапијата се користат билки со докажан медицински квалитет за терапија на релевантни болести, се вели во извештајот.
Прашањето на хомеопатијата одамна се спори во светот. Во 2009 година Светската здравствена организација објави дека не ја поддржува хомеопатијата за голем број на болести, меѓу кои и ХИВ, туберкулоза, маларија, грип и дијареа кај децата.
Оваа практика, наводно многу се применува во Франција. Според податоците од Националниот синдикат за хомеопатија, во 2010 година околу 27 милиони Французи користеле хомеопатски препарати.
Во 2015 година Националниот совет за здравство и медицински истражувања на Австралија , се изјасни дека не постојат докази дека хомеопатијата е ефикасна за лекување на болестите, додавјќи дека луѓето кои ќе изберат ваков третман го ризикуваат своето здравје.(повеќе на енаука.мк)
Во 2015 година Универзитетот во Барселона, Шпанија, ја укина програмата за хомеопатија заради „недостаток на научна основа“. Одлуката уследила после смртта на шест-годишно момче, чија мајка, терапевт во хомеопатска клиника, одбила да го вакцинира детето против дифтерија, која не била забележана во Шпанија од 1986 година.
Велика Британија е една од земјите каде постојат хомеопатски клиники чиј статус сѐ уште е нејасен.