Вселенското летало „New Horizons“ има пропатувано 5 милијарди километри во текот на девет години, за да стигне во близината на џуџестата планета. Остануваат уште само 200 милиони километри што треба да ги помине и неговите слики ќе покажат само трошка светлина од ѕвездите. Но, податоците ќе бидат од клучна важност за целосно усогласување на сондата за краткотрајното прелетување.
„Плутон ќе биде постојано фотографиран во текот на приближувањето, со цел да се одреди позицијата на сондата во однос на џуџестата планета. Потоа ќе направиме серија корекциони маневри, за повторно да ја израмниме нашата траекторија со референтната траекторија“ – објаснува Марк Холдриџ од лабораторијата за применета физика при Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор. Првичните корекции веројатно ќе бидат направени во март.
Кога „New Horizons“ ќе стигне на Плутон тоа ќе биде со огромна брзина – речиси 14 км/секунда – така што влегувањето во орбитата од околу ќе биде невозможно, затоа ќе мора да влезе директно.
Една од компликациите е тоа што седумте инструменти што се наоѓаат на леталото треба да работат на различно растојние за да ги добијат своите податоци, така што тимот има изработено многу детален план за надгледување на сите нив. Ова значи дека тајмингот мора да биде многу прецизен, за прелетувањето да помине непречено.
Најблиското приближување до Плутон е поставено за околу 11:50 GMT (Гриничко средно време) на 14 јули на оддалеченост од површината за приближно 13 695 км. Планерите на мисијата сакаат времето да биде точно во рамките од 100 секунди. „New Horizons“ на тој начин ќе знае каде и кога да ги насочи инструментите.
Мисијата на Плутон се означува како последна голема средба во планетарното истражување. За луѓето кои израснаа со идејата дека во нашиот Сончев систем има девет планети, ова е моментот кога можат да ја комплетираат „гарнитурата“. Роботски сонди се испратени на сите останати планети, дури и до најоддалечените Уран и Нептун. Плутон е последната од „класичната деветка“ што ќе биде посетена.
И покрај тоа што ова пространство од 2 300 км. прекриено со ледени карпи беше деградирано во 2006 година до ниво на „џуџеста планета“, научниците велат дека тоа не треба да го намалува нашиот ентузијазам.
Џуџестите планети се најбројната класа планети во нашиот Сончев систем и сондата „New Horizons“ на НАСА е една од првите можности да се проучува еден таков примерок одблизу.
„Првите навигациски слики можеби нема да бидат ништо посебно. Но до мај, сондата ќе испраќа слики од Плутон што се подобри од се’ што досега е снимено со „Hubble“ (Hubble Space Telescope). До јули, глетката би требало да биде спектакуларна“ – вели Енди Ченг, одговорен за главната камера што се нарекува „LORRI“.
Откако прелетувањето ќе биде завршено, сондата ќе се усмери кон уште подалечни објекти во Кајперовиот појас (Kuiper Belt). Научниците сметаат дека овој дел од вселената, и подалеку, може да содржи илјадници планети слични на Плутон.
Првите оптички навигациски слики би требало да пристигнат на Земјата најдоцна до вторник. Тие ќе го прикажат Плутон со неговата најголема месечина Харон (Charon)
Неколку податоци за Плутон
· Плутон е откриен на 18 фебруари 1930 година
· Името го добил по римскиот бог на подземјето
· Оддалечен е од Сонцето околу 5 милијарди километри
· Тешко е да се измери неговиот дијаметар, но грубо изнесува 2 300 км
· Плутон има 5 сателити од кои најголем е Харон
· Има ретка атмосфера од азот, која се појавува и се губи