Среќните луѓе не живеат подолго?

Широко е распространето мислењето дека ако сте среќни и ослободени од стрес, тоа ќе ве одржува здрави и долговечни. Ова би можело да се нарече грешка во оптимизмот, бидејќи една масовна студија за врската помеѓу расположението и смртноста, покажува дека чувството на среќата нема врска со стапката на смртност.

„Другите истражување кои го тврдат спротивното мора да ги помешале причините и последиците. Поверојатно е дека болеста ќе ве направи несреќен, а не обратно“- вели епидемиологот Ричард Пето од Универзитетот Оксфорд.

Моќта на позитивното размислување премина во фолклор, овозможувајќи и брз пораст на индустријата за самопомош, а да не ги спомнуваме луѓето кои „постираат“ инспиративни цитати на социјалните медиуми.

За да откријат дали навистина постои врска помеѓу овие две работи, истражувачите направиле анкета во која биле вклучени 700.000 жени од Велика Британија. Прво им биле поставени прашања за нивната здравствена состојба и за тоа колку се чувствуваат среќни и релаксирани. После една година прашалникот повторно им бил испратен на одреден број од жените, по случаен избор. Одговорите покажале дека тие се чувствувале исто како и една година пред тоа.

Десет години подоцна, со одредени промени во здравствената состојба на жените, се покажало дека нема разлики во стапката на смртност помеѓу оние кои имале позитивен став и оние кои биле негативни.

„Јасно е дека екстремниот стрес може да ги натера луѓето на самоубиство или да изедат еден тон чоколадо, но стресот и чувството на несреќа сами по себе немаат директен ефект врз здравјето. Треба да бидеме фокусирани на вистинските причини за болеста, а не да измислуваме други“- вели Пето.

Наодите се објавени во „Lancet“.

Поддржете ја нашата работа: