Сте слушнале ли за гранично пореметување на личноста?

Граничното пореметување на личноста (ГПЛ) е многу сериозно, иако ретко нарушување на менталното здравје. Се карактеризира со неспособност за ефикасно управување со емоциите, што е прилично тешко да се дијагностицира, а уште потешко да се третира.

Од психијатриската заедница ова нарушување официјално е признаено во 1980 година, но иако многу експерти се согласуваат дека називот „ГПЛ“ може да предизвика забуна, попрецизен термин засега нема.

ГПЛ често коинцидира со други ментални здравствени состојби како што се растројства во расположението, исхраната и анксиозните растројства.

Во најчестите знаци на ова пореметување спаѓаат:

  • Патолошки страв од напуштање – реално или имагинарно
  • Интензивни и нестабилни релации со другите луѓе, кои често се движат од екстремна блискост до силна омраза
  • Импулсивно однесување, како претерано трошење, промискуитетно однесување, злоупотреба на дроги и алкохол или прекумерно јадење.
  • Повторувачко суицидално однесување или самоповредување.
  • Потешкотии да се контролира лутината, што се карактеризира преку периоди на екстремна депресија, бес или анксиозност, кои може да траат од неколку часа до цел ден.
  • Тешки симптоми на дисоцијација, како што се отуѓеност на самиот од себе, набљудување на себеси надвор од телото и губење на контакт со реалноста.

Оваа состојба не е поврзана со одреден пол или раса и почетокот најчесто е во адолесценцијата или во раните зрели години. Според експертите, како ризик фатори за едно лице да развие вакво нарушување се генетиката, социјалното окружување, како и злоупотреба на лицето во рана возраст или пак аномалии во мозокот.

Тежината на симптомите исто така може да варира. Некои лица со ова пореметување можат многу добро да функционираат, додека  други се мачат да ги изведуваат обичните секојдневни активности. За жал, состојбата често погрешно се дијагностицира, со што и лекувањето се отежнува.

Лекувањето е тешко, но обично опфаќа психотерапија и лекови.

Поддржете ја нашата работа: