Во некои научни области постои разлика во застапеноста помеѓу половите. Јазот што постои меѓу половите во одредена научна област веројатно се должи на тоа што се смета дека за да се биде успешен во одредени области, потребно е да се поседува вродена генијалност, како и на стереотипот дека жените не можат да бидат генијалци.
На ова укажуваат резултатите од едно истражување, во кое учестувале 1.820 лица вработени на универзитетите во САД во 30 научни дисциплини (од компјутерски науки до компонирање музика). Тие биле прашани што е потребно за да се постигне успех во одредена научна дисциплина. Одговорите покажале дека за некои дисциплини најважно е да се има природна, вродена дарба, додека во одредени дисциплини, успех може да се постигне со напорна и посветена работа.
Истражувањето покажало дека во областите каде што се верува дека треба да се биде генијалец за да се биде успешен, имало помалку жени – доктори на науки, отколку во другите области.
Областите каде што жените биле помалку застапени, во основа не се сметаат тешки за жените, бидејќи тие биле во состојба да ги исполнат стандардите потребни за влез во тие научни области. Причината лежи во востановеното мислење дека жените ја немаат таа вродена „жичка“ на генијалност неопходна за да се успее во одредена област – и покрај тоа што вистинска интелектуална разлика меѓу половите не е никогаш докажана.
„Култоролошки, секогаш мажите се поврзуваат со природната интелектуална генијалност“, вели Сара-Џејн Лесли, професор по филозофија на Универзитетот Принстон во Њу Џерси, автор на истражувањето.
„За да се добие појасна слика за ова, замислете колку е тешко да најдете една жена во поп-културата која е прикажана со таква природна генијалност како на пр. Шерлок Холмс, Доктор Хаус (од истоимената серија) или Вил Хантинг (од филмот „Добриот Вил Хантинг“). Наместо тоа, жените кои се успешни се претставени како исклучително вредни – како на пр. Хермиона Грејнџер од „Хари Потер“. На овој начин се покажува дека достигнувањата на жените повеќе се резултат на долгите часови поминати над книгата, отколку на вродената природна генијалност“, вели професор Лесли.
Ова истражување покажало дека, исто како и жените, и Афро-Американците се цел на негативни култоролошки стереотипи поврзани со нивните интелектуални способности.
Наодите од ова истражување даваат ново објаснување на разликата во застапеноста на половите во некои научни области.
„Многу е важно каква порака им испраќаме на младите, вклучувајќи ги и студентите, за тоа како се постигнува успех во одредена научна област. Ако го избегнеме карактеризирањето на другите врз основа на претпоставката за нивната интелектуална надареност, и наместо тоа нагласиме што може да се постигне со одреден напор и посветеност, ќе може да создадеме атмосфера што е подеднакво атрактивна и за мажите и жените“, заклучуваат истражувачите.