Кои лекции во космологијата сметате дека читателите на „WIRED“ треба да ги разберат за да останат во чекор со тековното размислување?
Треба да разберат дека универзумот започнал со период на инфлација која се проширувала со се’ поголема брзина. Квантните флуктуации би предизвикале некои области да се шират побавно од остатокот од универзумот. Овие области на крајот би престанале да се шират и би доживеале колапс, за да ги формираат галаксиите, ѕвездите и сите други структури во универзумот. Квантните флуктуации за време на инфлацијата исто така би ги генерирале првите гравитациски бранови.
Математичарот Роџер Пенроуз спомена дека секогаш поставувате чудни прашања. Кои прашања ги поставувате сега?
Во моментов работам на тоа како да се усогласи очигледната загуба на информации кога црната дупка испарува, со нашето сегашно разбирање на физиката дека информациите никогаш не се губат. Го поткренав тоа прашање уште пред 40 години и, и покрај големиот број на трудови оттогаш, се’ уште не е предложено задоволително решение на тој парадокс. Всушност, покажано е дека постои противречност помеѓу тоа дека информациите не се губат и вообичаената претпоставка дека физиката е на локално ниво. Некои сметаат дека решението е заштитниот ѕид кој се наоѓа веднаш до црната дупка, кој би уништил се што ќе падне внатре, но јас не верувам во заштитни ѕидови. Наместо тоа, сметам дека времето во просторот е искривено.
Вие исто така верувате дека универзумот нема една историја, туку повеќе можни истории. Каков вид на експериментални докази би биле потребни за да се докаже оваа теорија?
Идејата на Фејнман за збирот на историите вели дека системот се развива од страна на секоја патека од историјата. Тоа може да се демонстрира со насочување на сноп честички на чаршав со два процепи на него. Бројот на честичките кои пристигнуваат последователно ќе формира рабови, како да се светлосни зраци. Интерпретацијата на тоа е дека секоја честичка има две алтернативни истории, едната поминува низ едниот процеп на чаршавот, другата низ другиот, а двете се мешаат како светлосни зраци.
Во вашата книга, „The Grand Design“, пишувате дека теоријата-М е онаа теорија којашто Ајнштајн се надевал дека ќе ја пронајде, онаа што го предвидува и опишува универзумот, а апстрактните согледувања на логиката ги довеле физичарите до неа. Меѓутоа, теоријата не е потврдена со набљудувања. Доколку експерименталната физика не би била ограничена од сегашната технологија и финансиските буџети, кои предвидувања од вашите теории би сакале емпириски да ги потврдите? И кога би можеле да осмислите експеримент без такви ограничувања, кој би бил тој експеримент?
Почнувам да се сомневам во теоријата-М, но се чини дека нема друга алтернатива. Теоријата претпоставува дека супер-симетрија е симетрија помеѓу честичките на материјата, како што се електроните, и честичките кои ја носат силата, како што се фотоните. Тоа би значело дека сите честици кои ги знаеме имаат супер-партнери, но досега не е пронајден ниту еден таков. Експериментот што би сакал да го направам е да ја откријам Хокинговата радијација на црните дупки, бидејќи тогаш би ја добил Нобеловата награда.
Тешко е да се открие Хокинговата радијација, бидејќи радијацијата од црна дупка со маса неколку пати поголема од онаа на Сонцето, би имала температура од само еден милионити дел од степенот над апсолутна нула. Помалите првични црни дупки би имале повисока температура, но се чини дека нема такви наоколу.
Вашиот долгогодишен пријател, физичарот Кип Торн, опиша како Вие, откако сте ја изгубиле способноста да ги користите рацете, сте развиле моќен сет на алатки кои никој друг ги нема, вклучувајќи ја и невообичаената способност да манипулирате со ментални слики на предмети, криви, површини, форми и тоа не само во три, туку и во четири димензии на просторот и времето. Може ли да го опишете тој ментален процес? Дали сметате дека успеавте да решите проблеми кои никој друг ги нема решено токму поради тој посебен сет на ментални алатки?
Никој не може да визуелизира четири димензии. Доволно е тешко со три. Она што јас го правам е тоа што визуелизирам дво-димензионални делови, сеќавајќи се дека тие се дел од четири-димензионална целина. Го користев ова геометриско визуелизирање при докажувањето на теоремите за сингуларитет, како и за мојата работа за црните дупки, вклучувајќи ја и радијацијата на црните дупки. Мојот хендикеп ме спречува да пишувам комплицирани равенки, па затоа преферирам проблеми со геометриска интерпретација.
Рековте дека нема ништо слично како еурека моментот кога ќе пронајдете нешто ново. Може ли да го опишете вашиот омилен еурека момент?
Се спремав за спиење. Тоа беше кратко време по раѓањето на мојата ќерка Луси. Поради мојот хендикеп, тоа се одвиваше бавно, па имав време да размислувам за црните дупки. Одеднаш, сфатив дека ако две црни дупки се судрат и се спојат, површината на хоризонтот на новата црна дупка би била поголема од збирот на површините на првичните поединечни црни дупки. Толку многу се возбудив што не можев да спијам таа вечер.
Имаше момент во Вашиот живот кога ја загубивте способноста да зборувате, а со тоа и да комуницирате. Подоцна, ја напишавте книгата „A Brief History of Time“ која ја промени сцената за објавување на научни трудови и го отвори пазарот за популарни научни книги. Од каде доаѓа Вашата желба да комуницирате со науката?
Можев да зборувам со помош на синтетизатор на говор, иако тоа ми даде американски акцент. Го задржав тој глас, бидејќи сега тој е мојот заштитен знак. Пред да го изгубам гласот, зборував нејасно и само оние во моја близина можеа да ме разберат. Со компјутерскиот глас открив дека можам да држам популарни предавања. Уживам во комуникацијата со науката. Важно е јавноста да ја разбира основната наука, ако не сакаат да ги препуштат одлуките од витално значење на некој друг.
Долго време, го браневте Вашето гледиште дека треба да колонизираме други светови. Како човештвото би го постигнало ова?
Верувам дека човечкиот род нема бесконечно да преживее на Земјата без некоја катастрофа. Затоа би сакал да се рашириме во вселената, за човештвото да не ги има сите свои „јајца“ во една кошница, односно една планета.
Може ли да ни кажете нешто повеќе за вашата соработка со „Интел“ со цел да развиете технологија која би ја подобрила брзината со која комуницирате, како на пр. мотори кои предвидуваат текст, интерфејси на мозокот, препознавање на лицето и други сензори?
„Интел“ создаде програма за пишување, за мене, која користи предвидлив текст кој ми овозможува да пишувам побрзо. Програмата се активира со мал сензор на моите очила. Во моментов го користам за да ги пишувам овие одговори. „Интел“ ќе го направи достапен и за други хендикепирани лица. „Интел“ исто така се обиде и со препознавање на лицето, меѓутоа опсегот на пораки кои може да се пренесат е ограничен. Немав многу успех со интерфејси на ниво мозок-компјутер. Моите негуватели велат дека тоа е така бидејќи немам мозочни бранови.
Се појавивте во „Симпсонови“, учествувавте во документарен филм во режија на Ерол Морис и продуциран од Стивен Спилберг и глумевте во „Ѕвездени патеки“. Која би била вашата идеална филмска улога? Исто така, кои се вашите ставови за сегашната поп култура?
Мојата идеална улога би била „лошиот“ во Џејмс Бонд. Мислам дека инвалидската количка и компјутерскиот глас би се совпаднале со улогата. Не знам многу за популарната култура, бидејќи времето го поминувам со науката.