Стоење во училниците за подобри перформанси

Постојат бројни истражувања поврзани со физиолошките здравствени придобивки од стоечкиот (наспроти седечкиот) начин на работа, но има малку истражувања кои се занимаваат со ефектите врз менталните способности.

Едно ново истражување направено од Универзитетот Тексас A&M во САД, покажало дека учениците демонстрирале подобри когнитивни функции после половина година, откако наместо да седат во стандардните клупи, работните задачи за време на часовите ги изведувале стоејќи покрај клупите.

Во истражувањето учествувале 34 средношколци од прва година. Преку серија од компјутерски тестови била извршена проценка на нивните егзекутивни функции во два периоди од школската година. Егзекутивните (исполнителни) функции се вид на когнитивни функции кои ги користиме при анализа на задачи и тие се директно поврзани со академските вештини, како што е способноста да ги разбереме и меморираме фактите, да ги организираме нашите мисли и да ги решаваме проблемите.

Егзекутивните функции се најмногу регулирани од фронталниот дел од мозокот, па истражувачите користеле „fNIRS“снимање на мозокот на учениците додека ги решавале тестовите. Двете тестирања биле спроведени со временско растојание од околу шест месеци и за време на тој период учесниците во тестирањата на часовите работеле на клупите стоечки.

Според резултатите, како што истакнуваат истражувачите, „континуирана примена на ваков начин на работа (на клупи каде што се стои) е поврзано со значителни подобрувања во егзекутивните функции и капацитетот на работната меморија“.

Учениците покажале и околу 7 до 14 проценти подобрување во когнитивните перформанси, во неколку егзекутивни функции и задачи за меморијата. Снимките на мозокот покажале зголемена активност на левиот дел од фронталниот мозок за време на три од петте тестови.

Иако овие прелиминарните резултати се охрабрувачки, сепак истражувачите признаваат дека нивното истражување има и одредени ограничувања. Како прво, направени се само две тестирања и на мал број волонтери (до крајот на истражувањето бројот на волонтери се спуштил на 27). Исто така, важно е да се напомене дека истражувањето е направено без учество на контролна група со која би се споредиле резултатите.

Но, авторите се вклучени и во една поголема двегодишна студија со која се опфатени средношколците од Тексас. Ако со оваа поголема студија и следните истражувања на ова поле се потврдат некои од овие првични наоди, преоѓањето на клупи каде што се стои ќе биде лесно да се имплементира во училиштата, што во исто време може да придонесе и за здравјето и за академските достигнувања на учениците.

Наодите од истражувањето се објавени во „International Journal of Environmental Research and Public Health“.

Поддржете ја нашата работа: