Студентите по медицина во Бразил ќе учат форензика со помош на скелетот на нацистичкиот доктор Менгеле

Јозеф Менгеле, злогласниот нацистички доктор кој извршувал човечки експерименти врз затворениците, вклучувајќи ги и децата, во концентрациониот логор Аушвиц за време на Втората светска војна, сега самиот е предмет на медицинско истражување.

Посмртните останки на Менгеле, кој починал во Бразил во 1979 година откако ја напуштил Европа по војната, сега се користат во наставата на Универзитетот во Сао Паоло за да им помогнат на студентите по медицина да учат форензичка наука.

Идејата дошла од патологот Даниел Ромеро Муњос, еден од истражувачите кои го идентификувале скелетот на Менгеле кога бил ексхумиран во 1985 година, а сега е професор на Медицинскиот факултет на универзитетот.

„Коските ќе бидат корисни за студентите да научат како да се испитаат остатоците на една личност, а потоа да се споредат информациите со податоците во документите поврзани со таа личност“- вели тој.

Идентификацијата на Менгеле во 1985 година, подоцна потврдена со анализата на ДНК во 1992 година, била следена од меѓународната операција од страна на владите на САД, Западна Германија и Израел кои го следеле трагот на овој доктор, кој успеал да побегне и да не биде фатен дури четири децении по Втората светска војна.

Но, и покрај координираниот напор, откако биле пронајдени, коските поминале повеќе од 30 години во складот на Медицинскиот институт во Сао Паоло, откако неговото семејство одбило да го поврати неговото тело назад во Германија.

Па тогаш Муњос сфатил дека остатоците на овој човек наречен „ангел на смртта“ може да послужат како извонредно помагало за учење на студентите.

Она што ги прави коските добри за медицинските студии не е само ужасната историја на човекот како нацистички научник, туку исто така и форензичките траги од неговиот живот во воената служба и здравствените проблеми кои ги имал во годините на неговото бегство и прогонство.

Dr. Josef Mengele ...... Nazi Doctor in 1942
Д-р Јозеф Менгеле во 1942

„На пример, за време на испитувањето на остатоците, видовме фрактура на левиот дел од карлицата, со која тој се здобил во сообраќајна несреќа во Аушвиц. Неговиот череп, исто така, покажува докази за една мала дупка во неговата лева јаболчна коска, што е наследен траен случај на синузитис (воспаление на синусите). И доколку погледнат одблизу, студентите може да забележат траги на стоматолошки абсцеси, што додека бил во бегство, ги третирал со жилет“ – објаснува Муњос.

Но, додека остатоците од Менгеле сега се проучуваат од нова генерација на научници, преживеаните од холокаустот се’ уште се помируваат со експериментите на тортура на кои биле подложени пред неколку децении.

„Ме натера да се туширам во врела вода од која ми паѓаше косата и кожата. Кога се пожалив дека е премногу топло, ми рече ако не останам во водата ќе ме убие. И ова не беше доволно за него. После топлата вода, тој ме стави во ладна вода. Никогаш нема да го заборавам тоа целиот мој живот“- вели преживеаната Сирла Геверц (Cyrla Gewertz), која подоцна емигрирала во Сао Паоло.

Другите експерименти на Менгеле биле уште поужасни, вклучувајќи инјектирање на боја во очите на децата, изгладнување за да види колку долго може да се преживее без храна како и зашијување на близнаци за да врши истражување за споени близнаци.

Илјадници други кои не починале како резултат на неговите ужасни експерименти, биле испраќани во гасните комори.

Истражувачите од Сао Паоло се надеваат дека користењето на остатоците на Менгеле во форензичката наука ќе им помогне на студентите исто така да учат за историјата на нацистичките научници и нивните крајни ефекти.

„Физичари, психијатри и други водечки научници биле во служба на Рајхот и го употребувале своето знаење за да ги исклучат етничките групи кои ги класифицирале како припадници на инфериорните раси. Исклучување кои кулминирало во геноцид“, изјавува Луиза Тучи Карнеиро од универзитеската лабораторија за проучување на етничката припадност, расизмот и дискриминацијата за „Associated Press“.

Поддржете ја нашата работа: