Во истражувањето биле опфатени податоци (од Кардиолошкиот центар на болницата „Свети Јован“ во Њу Брансвик ) за операции на срце кои не биле итни, во период од 2005 до 2013 година кај пациенти кои примиле црвени крвни зрнца, за време на операцијата, или непосредно по неа и останале во болница помалку од 30 дена .
Од вкупно 2015 пациенти, само нешто повеќе од половина (1052) примиле „нова“ крв којa била донирана во рок од 14 дена пред операцијата, а останатите примиле дел или цела количина крв , постара од 14 дена (Канадскиот протокол дозволува донираната крв да се чува и да се користи до шест недели по донирањето).
Наодите покажале дека пациентите кои примиле само „нова“ крв пројавиле многу помалку постоперативни компликации како на пр. повторни операции заради крварење, инфекции, откажување на бубрезите и смрт, пројавени во болнички услови. Воопшто, пациентите кои примиле „нова“ крв , биле во многу подобра состојба од тие што примиле постара крв.
Овие наоди се од голема важност за кардиохирурзите, бидејќи тие во својата работа користат најмногу крвни продукти. Во 30 до 50 проценти од кардиохирушките зафати, пациентите имаат потреба од трансфузија на крв. Во еден ваков зафат просечно се потребни пет единици крв.
Кардиохирургијата им овозможува на болните од срце да преживеат. Затоа е неопходно исходот од операцијата да е што е можно поуспешен. Ова истражување е важен потсетник за граѓаните да донират крв, за да може крвните продукти да бидат секогаш достапни за ваквите операции.