Тајната на Египет: 70 милиони мумии на животни

Античките Египќани се познати по мумифицирањето на своите предци, понекогаш дури и закопани заедно со своите миленичиња за да ги зачуваат за задгробниот живот. Но, тие не ги мумифицирале само луѓето, туку и животните. Се претпоставува дека околу 70 милиони животни биле мумифицирани и закопани во подземните катакомби на повеќе од 30 места низ Египет.

Тим на научници и египтолози од Центарот за биомедицинска египтологија во детската болница во Манчестер, со помош на најсовремена технологија за скенирање, скенирале стотици животински мумии од Египет од 19-ти и 20-ти век. Ова е најголемото истражување од ваков вид досега.

Научниците, предводени од д-р Лидија Мекнајт употребиле КТ скенер и машина со Х-зраци (кои нормално се користат за снимање на деца) за да видат што има под завоите без да ја оштетат внатрешноста.

Скенирале различни видови на животни – птици, мачки, мајмуни, па дури и крокодили, и се изненадиле кога откриле дека мумијата на крокодилот содржела 8 мали крокодилчиња внимателно завиткани заедно. Уште едно изненадување била мумијата на мачка, со мали уши и нос, чие скенирање покажало нешто што останало скриено уште при самата изработка пред илјадници години – имало само неколку делови од коски на мачка во завоите.

Д-р Лидија изјави дека околу една третина од мумиите содржеле делумни остатоци, или па изгледале сосема празни. Причината за ова е предмет на жестоки дебати. Некои експерти сугерираат дека мумиите биле изработувани за да се продаваат на Египетските аџии, па така античките Египќани имале поголем профит продавајќи „лажни“ мумии. Додека други експерти (вклучувајќи ја и Лидија) сметаат дека тоа е доказ дека античките Египќани сметале дека дури и најмалите делови од животните се свети, при што го вложувале истиот напор за правилно да ги мумифицираат.

1362f2

„Знаеме дека Египќаните обожувале богови во животинска форма, па мумиите на животните им ја овозможувале поврзаноста со светот на боговите. Мумиите биле некој вид на подарок. Во денешно време палиме свеќи во црквите, тогаш дарувале мумифицирани животни“, објаснуваат научниците. „Оделе до оддредени места каде што се продавале, ги купувале (преку систем на размена), ги подарувале на свештеникот, а тој откако ќе соберел повеќе ги закопувал“.

Сакара е антички египетски коплекс на храмови каде што се’ уште има милиони мумии на животни. Д-р Пол Николсон од Универзитетот Кардиф веќе 20 години го истражува и ископува тоа место. Секоја гробница била наметена за посебен вид на животно.

Во една подземна катакомба се пронајдени мумифицирани остатоци на птиците „Ибис“. Подлабоко во пустината има мрежа гробници каде што се закопани 8 милиони мумифицирани кучиња. Египтологот Салима Икрам од Американскиот универзитет во Каиро ги проучувала овие мумии и открила дека нивните коски содржат докази дека тие биле одгледувани, па потоа убиени за да се мумифицираат.

Всушност, во еден момент, мумифицирањето на животни станало масивна индустрија во Антички Египет, што милиони животни биле одгледувани за да се задоволи трендот на национална опсесија.                                                                  

Снимен е и документарен филм со наслов „70 Million Animal Mummies: Egypt’s Dark Secret“ кој ја раскажува оваа приказна за чудната улога на животните во верувањата на античките Египќани.

Поддржете ја нашата работа: