Тајната на златниот пресек

Откако постои, човекот настојува да го дефинира поимот – убавина. Меѓутоа, таквите поими обично тешко се опшиуваат со зборови бидејќи обично се подложни на субјективното доживување на поединецот.

Низ историјата впечатоците се менувале во зависност од трендовите и се прилагодувале на условите кои владееле во различните периоди.

Сепак, ако погледнеме пошироко, хармониите кои што се менувале низ историјата имаат и нешто заедничко…

img-01

Природата е ризница на различни облици. Расцветано стебло, мирни езерски води, црцорењето на приците, залезот на сонцето, снегулките и многу други појави претставуваат глетка пред која сите понекогаш застануваме и се воодушевуваме.

Ако внимателно ги погледнеме конструкцијата на цветот, школките, распоредот на семките во плодовите, ќе забележиме идентичен образец и извесна правилност која ја делат сите. Истиот тој шаблон може да се забележи и во начинот на кој во природата сѐ расте и се развива, поаѓајќи од едноклеточната амеба, па сѐ до најсложените живи организми.

img-02

Истиот сооднос и истата пропорција би можеле да ја забележиме и во пајаковата мрежа, куќичката на полжавот, но и во градбата на човекот и кај движењето на небесните тела.

Сето тоа би можело да нѐ доведе до заклулок дека сѐ што постои во природата одговара на еден уреден план на еволуција и на еден универзален закон.

Ако внимателно разгледаме неколку снегулки, ќе можеме да воочиме дека секоја од нив е различна, но сепак, сите делат основна шестоаголна структура која редовно ја пронаоѓаме во неорганскиот свет.

Вселената, како и животот, е бескрајно таинствена и преполна со различни облици и појави. Човекот низ историјата настојувал да пронајде некој пат или формула која ќе може да ја примени на сите појави и облици, на макро и на микро план.

Таканаречениот „Златен пресек“ се наметнал како можност за едно такво обединување. Посебноста на златниот пресек е во тоа што една целина или должина ја дели на два дела, така што тие не само што се поврзани меѓу себе, туку со нив е поврзана и целината.

img-03

Златниот пресек има долга традиција, а познат е од најраните записи во геометријата. Иако најчесто се поврзува со грчката уметност, тој бил познат уште многу поодамна, во времето на Вавилонците и на Египќаните. Ако внимателно разгледуваме, можеме да го забележиме секаде: во пресечено јаболко, на кората од ананас, на крилцата на пеперутките, но и во човечкото тело.
Златниот пресек се забележува дури и во структурата на молекулата на ДНК.

img-04

Ако тргнеме на патување кое нѐ води од најмалиот ембрион, сѐ до ѕвездите и галаксиите, ќе можеме да откриеме многу лица на таинствениот златен пресек. Понекогаш мошне таинствени и мистични, а некогаш многу очигледни и впечатливи.

Како што веќе напоменавме, златнот пресек бил познат уште во стариот Египет, Индија и Кина, а се забележува и во архитектурата на многу антички храмови.

Врската меѓу човекот и универзумот меѓу првите ја утврдил Питагора, истражувајќи ја поврзаноста и односот на деловите со целината.

Грците од Египќаните ја презеле идејата дека со помош на основните геометриски тела и со размерот на златниот пресек, принципите на макрокосмосот може да се пренесат на човекот, односно врз микрокосмосот.

Гробот на фараонот Рамзес IV, во Долината на кралевите, претставува поврзување меѓу архитектурата и сакралната геометрија. Рамзес е погребан во гробница издлабена во карпа, во троен саркофаг, а притоа самиот саркофаг, во кој се наоѓало телото, бил во форма на двоен квадрат.

Геометриската анализа на предметите пронајдени во гробницата покажала дека и тие се обликувани со користење на квадрат и на златен пресек, што потврдува присиуство на сакрална геометрија.

Грчките филозофи, проучувајќи го светот околу себе, откриле дека законитостите за складност и убавина имаат математичко потекло. Пропорцијата на златниот пресек, пронајдена во природата и во мерките на човечкото тело, се наметнала како основа за пропорциите на храмовите.

Римскиот историчар на уметноста, Витрувије, своите десет книги за архитектурата ги започнува со препораката – храмовите, за да бидат возвишени, треба да се градат според законот на аналогија кон човечкото тело. Заради тоа скиците на повеќето класични градби биле дефинирани според златниот правоаголник.

Хармонијата се изразувала како однос меѓу човекот и вселената, со храмот како врска помеѓу нив.

Златниот пресек во уметноста

Зошто некои работи ни се допаѓаат, а некои не? Како тоа еден облик многу повеќе му се допаѓа на нашето око од некој друг?

Човечкото тело е изградено според пропорциите на златниот пресек. И токму затоа, бидејќи потсвесно препознаваме нешто слично на нас, повеќе ни се допаѓаат оние предмети и нешта кои што се создавани според пропорциите на златниот пресек.

Сите видови уметност низ историјата, креирани од рацете на големите мајстори, од сликање, музика, архитектура, поезија…, се создавани токму преку соодносот на деловите кон целината. Најчесто несвесно, но со големо чувство за естетика и рамнотежа.

Тоа може да се забележи во речиси сите дела на Леонардо да Винчи, во скулптурите на Микеланџело, готичките катедрали, пирамидите, но и во музиката.

Еден од најпознатите примери на златниот пресек во уметноста е грчкиот храм посветен на божицата Атина, Партенон, кого го дизајнирале архитектите Каликрат и Иктин.

img-06

За неговите мерки се користело античкото начело според кое човекот е основната мерка за сѐ. Па, така, размерот меѓу деловите на човечкото тело се земени како појдовен образец при конструкцијата на храмот.

На симболичен начин златниот пресек е пренесен и во многу уметнички дела. Некаде мошне суптилно, а некаде мошне очигледно. Ако не го гледаме, тогаш го чувствуваме.

Многумина сметаат дека тајната на Мона Лиза е скриена во внимателно избраните пропорции на лицето, односно нејзиното лице изобилува со пропорциите на златниот пресек.

Имено, златниот правоаголник ги ограничува централните елементи на сликата, односно лицето на Мона Лиза, додека златниот триаголник ја ограничува целата композиција.

Човекот ужива гледајќи го залезот на сонцето, ужива во црцорењето на птиците, во убавината на цвеќињата и во зимските пејсажи. Меѓутоа, зошто е тоа така? Зошто сакаме да го гледаме залезот? Зошто одиме во природа за да се одмориме? Зошто повеќе сакаме да се движиме низ шумата отколку на улица?

img-08

Очигледно човекот со природата остварува јака врска и нешто многу силно го приврзува кон неа. Човекот чувствува припадност кон природата. Човекот е и самата природа.

Златниот пресек ги поврзува поимите на духот и материјата, универзалното и индивидуалното, конечното и бесконечното. Токму таа хармонизација со она возвишеното, мистичното и недостижното била цел на сите вистински филозофи, уметници, композитори и архитекти. За нив златниот пресек претставувал врската со тие повисоки сфери на влијание и нивна манифестација во материјалниот свет.

img-09

Секаде, каде што човекот ќе почувствува или ќе забележи исклучителна убавина и складност, таму секогаш ќе може да ги пронајде и таинствените линии на златниот пресек.

Библиографија:

1. Priya Hemenway: “Tajni kod”, V.B.Z. , 2009
2. Vitruvije: “Deset knjiga o arhitekturi”, Svjetlost Sarajevo, 1951
3. Frank Zöllner: “Leonardo da Vinci”, Taschen, Köln, 2000

 

Поддржете ја нашата работа: