Тарантулите и не се така страшни

Според репутацијата – тaрантулите се големи, тие се смртоносни, ги напаѓаат луѓето и женката тарантула го јаде мажјакот после парењето.

Во реалноста – тие што обично ги сметаме дека се тарантули, не се тарантули. Поголемиот дел од тарантулите се мали, ретко се смртоносни, а и посткоиталниот канибализам е ретка појава.

Пајаците што вообичаено ги сметаме за тарантули, воопшто не се тоа. Всушност вистинските тарантулите се релативно мали и безопасни пајаци. Живеат на југот од Европа, вклучувајќи ја и околината на градот Таранто во јужна Италија, од каде и го добиле името.

Пајаците кои ги сметаме за тарантули, правилно би требало да ги нарекуваме пајаци што јадат птици или „Theraphosids

Претставата за изгледот на тарантулата обично се поврзува со мексиканската тарантула „Brachypelma smithi“, но фактички постојат околу 650 различни видови тарантули. Најголемиот број од нив се мали, со распон на нозете нешто поголем од 2 см.

Во популарната култура, тарантулите обично се прикажани како офанзивни, како во познатата сцена од филмот за Џејмс Бонд „Доктор Но“, каде тарантулата се појавува од под постелнината и поминува по голите гради на Шон Конери, но во реалноста тарантулите вакво нешто не прават. Повеќето пајаци можат да јa почувствуваат топлината на човековото тело и ја избегнуваат. По природа тие не се многу агресивни.

 

Сепак, најпознатиот член од оваа фамилија е „Theraphosa blondi“, џиновската тарантула што јаде птици, од северниот дел на Јужна Америка. Најголемиот регистриран примерок бил со големина на чинија и со распон на нозете од 28 см. Според масата тој е најголемиот пајак на светот.

Кога тарантулите ќе почувствуваат опасност , нивна прва реакција е да се сокријат и да побегнат. Ако се најдат во голема опасност, тие може и да гризнат за да се одбранат, но не испуштаат секогаш отров. Дури и ако испуштат отров, тој е ретко смртоносен. Отровот го користат за да го совладаат својот плен. Каснувањето, нормално не е поопасно од убод од пчела.

За мажјаците тарантули постои опасност да бидат изедени од своите партнерки, после чинот на парење, што е случај и кај многу други видови на пајаци.

„Кога мажјакот се одделува и се обидува да се оддалечи после парењето, женката го следи и наеднаш го напаѓа. Потребни ѝ се 6 минути да го совлада мажјакот, а потоа го повлекува назад во својот отвор. Претпоставуваме дека со тоа започнува проголтувањето“ – се вели во едно од ретките истражувања за сексуалната стратегија на Северноамериканската пустинска тарантула „Aphonopelma“. Но, ваков грозен чин се случил само еднаш во текот на истражувањето, што укажува на тоа дека мажјаците ја преживуваат опасноста. „Мажјаците секогаш многу брзо бегаат после парењето“ – забележуваат истражувачите. Опасност постои, но не се случува често.

Поддржете ја нашата работа: