На сите ни се случил оној „Аха“! момент, кога сите делови од некој збунувачки проблем ќе си дојдат на место и ќе најдеме решение за нешто што претходно ни било нејасно. Но, што се случува во нашиот мозок во моментот кога ќе речеме „Аха“?
Тоа било прашањето на кое истражувачите од Институтот Дондерс при Универзитетот Редбоуд, се обиделе да го одговорат.
Истражувачите ги искористиле „Симс 3“ игрите на симулација, за да направат анимирани видеа со симулација на настани како од реалниот живот, кои им ги прикажале на учесниците, додека нивните мозочни активности биле следени со магнетна резонаца. Тие откриле дека откако луѓето сфатиле како некои настани се вклопуваат во приказната, сеќавањата од тие настани биле сплотени заедно – исто како деловите од сложувалка, за да формираат ново сеќавање од целата приказна. Овие ефекти можеле да се видат во хипокампусот и медијалниот префронтален кортекс – делови од мозокот кои се одговорни за сеќавањата на лични, автобиографски настани.
Ова е прв пат научниците да успеат да визуализираат како мозокот флексибилно ги рекомбинира сеќавањата од минатите настани кога ќе се појават нови. Ова истражување има важни импликации во процесите на стекнување на знаење во образованието. Тоа сугерира дека учителите можат да го помогнат учењето, не само со тоа што јасно ќе го прикажат новиот материјал, како што веќе го прават, но исто така и да го поврзат со претходно научениот материјал и на тој начин да ги поттикнат нервните структури одговорни за учењето тоа да го интегрираат во „големата слика“.
Истражувањето е објавено во научното списание „Current Biology“.