Неодамнешниот напредок во истражувањата сугерира нов начин за складирање на огромниот износ на компјутерски податоци. Се работи за пренесување на компјутерските податоци во структурата на самиот живот – кодирање во органските молекули кои нанижани како бисери ги формираат нишките на ДНК.
Во два неодамнешни експерименти, тим на компјутерски научници од Универзитетот во Вашингтон и „Мајкрософт“, и посебна група од Универзитетот во Илиноис, покажаа дека молекулите на ДНК можат да бидат основа за архивски систем на складирање, потенцијално способен за зачувување на севкупната светска дигитална информација во 9 литри течност.
Капацитетот за складирање на ДНК е запрепастувачки во споредба дури и со најнапредните електронски или магнетни системи за складирање. Теоретски, доколку информациите се кодирани во ДНК, возможно е да се складира еден ексабајт информации во обемот на едно зрно песок. Еден ексабајт приближно е еднаков на 200 милиони ДВД-а.
Во природата, молекулите на ДНК ги носат генетските инструкции кои управуваат со развојот и функцијата на живите организми. Цената на секвенционирањето на генетскиот код опаѓа побрзо од цената на компјутерската меморија, па компјутерските научници веруваат дека доколку цената продолжи да опаѓа, ќе може да се создаде нова класа на хибридни системи за складирање, кои ќе овозможуваат безбедно складирање на информациите со векови. Напредокот доаѓа од фузијата на компјутерската технологија и биологијата, велат тие.
Претходни експерименти од 2012 и 2013 година покажале дека е возможно да се складираат датотеки со податоци во ДНК и потоа да се читаат во дигитална форма. Сега, научниците се надоврзале на тие експерименти со тоа што успеале да зачуваат информации за 6 универзитети од Википедија во форма на ДНК, и потоа да извлечат и да уредат една одредена датотека од нив, во случајов поврзана со 3 од универзитетите. Тоа го постигнале со помош на техниката позната како полимераза верижна реакција, за полесно да можат да ги наоѓаат информациите што сакаат да ги добијат. Но, поради огромниот потенцијал за складирање, научниците сметаат дека е подобро ДНК да се користи само за складирање, отколку и за уредување, бидејќи е потребно повеќе време за да се добијат информациите.
Научниците продолжуваат да работат на подобрување на оваа основна техника за складирање. Следно, тимот од Харвард ќе се обиде да го кодира „Патување до Месечината (A Trip to the Moon), француски нем филм од 1902 година.